Украина

Продолжуваат борбите во Украина

29.05.2024 17:27

Не запираат битките на украинскиот фронт. Киев и Москва со извештаи за соборени беспилотни летала. Победата на Русија би ја ставила ЕУ во голема опасност, став на шефот за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Борел. Претседателот Зеленски обезбеди нов пакет воена помош од Шведска...

Се засилуваат нападите на украинскиот фронт. Жртви и повредени во Доњацк, Харков. Соборени дронови на двете страни. Од руски гранатирања предизвикан е пожар во национален парк. Киев тврди, Москва се подготвува за нова офанзива, распоредува околу 300 илјади војници на границата со Украина. Победата на Русија би ја ставила ЕУ во голема опасност, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Борел на Вториот Шуманов безбедносен и одбранбен форум.

„Војната во Украина е најважната егзистенцијална закана. Мислам дека победата на агресорот, Русија, ќе покаже дека воената агресија се исплати. Секоја земја ќе биде во опасност ако тоа стане норма. За нас стана јасно дека треба брзо да станеме способен актер на теренот во безбедноста и одбраната, бидејќи тргувањето и проповедањето на владеењето на правото денес не е доволно“, изјави Жозеп Борел, висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност.

Шведска најави нов пакет воена помош за Зеленски тежок 1,3 милијарди долари. Со потпишувањето на безбедносниот договор во Лисабон, украинскиот претседател ја заокружи европската турнеја. Претходно Киев потпиша договори и со Белгија и со Шпанија.

„Пакетот е сеопфатен и е токму она што го побара Украина. Доаѓа во исто време кога ја објавуваме широката, голема рамка на Украина за следните три години“, изјави Еба Бушч, вицепремиер, министерка за енергетика, бизнис и индустрија на Шведска.

И додека некои земји обезбедуваат оружје со минимални барања, други тоа го прават под услов оружјето да се користи само на украинска територија. Министрите за одбрана на ЕУ не успеаја да постигнат консензус околу тоа да ѝ се дозволи на Украина да користи западно оружје за напади на руска територија, за што рускиот претседател Путин рече дека ќе биде игра со оган.

 

Маријана Димовска