ИЗРАЕЛ

Повици за прекин на огнот во Газа

30.05.2024 08:57

Во меѓувреме, од Тел Авив соопштија дека ја презеле контролата на целата должина на границата на Газа со Египет...

Обединетите нации продолжуваат со повиците за прекин на огнот на Блискиот Исток додека израелската офанзива се интензивира.

„Гледаме интензивирање на воената операција. Ние сакаме хуманитарен прекин на огнот затоа што на цивилите им е потребен за да можат да се чувствуваат безбедно, да ја добијат хуманитарната помош што им е потребна и заложниците да бидат ослободени“, изјави Стефан Дијариќ, портпарол на генералниот секретар на ООН.

Во меѓувреме, од Тел Авив соопштија дека ја презеле контролата на целата должина на границата на Газа со Египет.

„Во текот на изминатите денови, силите на израелската одбрана постигнаа тактичка контрола над коридорот на границата меѓу Египет и Рафах. Нашите сили лоцираа долж коридорот десетици натоварени фрлачи подготвени да истрелаат ракети“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.

Од Белата куќа велат дека се работи на нов предлог кој би можел да донесе прекин на огнот меѓу Израел и Хамас.