Нема интерес за текстилните училишта во источниот регион

27.06.2014 11:20

Дали македонскиот Манчестер ќе се соочи со недостиг од квалификувана текстилна работна сила? Текстилните струки за завршените основци од Штип, Виница и Делчево не се атрактивни. За слободните 180 места, се пријавиле само 30 ученици, иако и општините и стопанството нудат стипендии за секој запишан ученик...

Текстилните струки и понатаму остануваат неатрактивни за учениците. Од вкупно, 180 слободни места во Штип, Виница и Делчево во првиот уписен рок се запишаа одвај 30 ученици.

„Годинава запишавме 21 ученик, а лани ова време имавме само шест запишани ученици“, изјава Цветанка Красиќ, директор на СОУ „Димитар Мирасчиев“ – Штип.

Освен за училиштата слабиот одзив на ученици е проблем и за стопанството. Текстилните компании веќе извесен период го посочуваат недостигот на работници  како примарен и флуктуацијата на веќе вработените, како дополнителен проблем.

„Тој проблем ќе постои секогаш. Тоа секако ќе остави траги. Може да се случи неко конфекции да останат без работниции“ , смета Стамен Трајанов, сопственик на текстилна компанија.

Во обид на училиштата да им се обезбедат ученици, а на стопанството работници, општините Виница и Штип, понудија и стипендии од по 2.000 денари месечно, за новозапишаните ученици.

„Јас се надевам дека трите уписни рокови ќе дадат добра бројка на новозапишани ученици, барем за да ги покриеме стипендиите што ги даваат општината и стопанствениците. Би било штета тие да останат неискористени“, смета Илчо Захариев, градоначалник на Штип.

Текстилното училиште во Штип, некогаш запишуваше по 400 ученици во една генерација, а годишно овде се формираа по 10-12 паралелки. Сега 80 текстилни фабрики во Штип имаат итна потреба од 1.000 работници, но и гарантираните работни места, не беа доволна причина за повеќе запишани ученици во текстилната струка.

 

Оливера Жежова