Избори 2024

ДИК ги прогласи парламентарните избори за завршени

30.05.2024 15:07

Државната изборна комисија на денешната јавна седница донесе заклучок за завршување на парламентарните избори. На седницата беа прогласени за конечни резултатите од изборите во шестата изборна единица откако Управниот суд ноќеска ја отфрли тужбата на коалицијата „Европски фронт“ за прегласување на едно избирачко место во село Ларце, Желино...

Откако ги потврди мандатите на пратениците, Државната изборна комисија ги прогласи парламентарните избори за завршени. Претседателот Даштевски ги соопшти конечните резултати од прегласувањето во шестата изборна единица, откако Управниот суд ја одби тужбата на коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ како неоснована за прегласување на едно избирачко место во село Ларце, Желино. 

Аднан Азизи од коалицијата Вреди ќе седне на пратеничкото место на Биљал Касами, кој беше носител во шестата изборна единица, но сепак одлучи да остане да раководи со Општината Тетово.

Со завршувањето на парламентарните избори во новиот состав на законодавниот дом, најмногу пратеници освои коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ 58, коалицијата предводена од СДСМ има 18 пратенички мандати колку што освои и коалицијата предводена од ДУИ. 14 освои коалицијата Вреди, по шест добија Левица и ЗНАМ.

 

Викторија Милевска