Градоначалници седнаа во пратеничките фотелји
На првата седница во законодавниот дом, пред формирање на Владата, ќе се најдат корекциите на неколку системски закони за да се овозможи формирање нови и трансформација на неколку министерства. По фактот дека неколку градоначалници добија пратенички мандат, се празнат фотелјите во општините. Дали ќе има предвремени избори за прв човек на овие општини или ќе се одбегнат со законски измени...

Новото владејачко мнозинство е против предвремени избори за градоначалници, откако се поизвесно е дека актуелните први луѓе на Гостивар, Арбен Таравари и на Аеродром, Тимчо Муцунски се меѓу оние кои се споменуваат дека ќе направат трансфер од локалната во извршната власт, поточно ќе седнат на министерските фотелји за здравство и одбрана.
Ова за РСЕ го потврди и собранискиот спикер Африм Гаши.
„Сега сме исправени пред предизвикот да имаме носители на општините кои ќе се изберат за пет, шест месеци и после за седум, осум месеци пак да има избори. Мислам дека не е во ред и спротивно е на Уставот некој да се избере со четиригодишен мандат, а некој да се избере со исти гласови на избори со мандат од осум месеци. Мислиме дека е неуставно и треба да се поправи со закон кој ќе овозможи тоа да биде можно“, вели Гаши за РСЕ.
Сепак за ваков закон кој го најавува Гаши потребно е двотретинско мнозинство, а преговорите за над 80 пратеници сè уште траат.
И од ВМРО ДПМНЕ, брифираат дека ваквото прашање треба да се отвори по формирањето на идната Влада, со што би се разгледала потребата од евентуални законски измени.
Предвремените локални избори ги регулираат Изборниот и Законот за локална самоуправа, во кој стои дека предвремени избори за локална власт, не се организираат само ако до редовните има помалку од шест месеци.
Зоран Димовски
