Состанок на НАТО за поддршка на Киев
Првиот човек на Алијансата со апел да се укине забраната за Киев да користи западно оружје на руска територија, во момент на интензивирани напади во Украина. На бојното поле и натаму гори...

Шефовите на дипломатиите на НАТО на дводневна средба во Прага наспроти зголемените повици да се укинат ограничувањата, за Киев да може да користи западно оружје за цели во Русија. Првиот човек на организацијата, Столтенберг истакна дека одлуката треба да се преиспита бидејќи ја попречува способноста на Киев да се одбрани.
„Путин целосно потфрли затоа што ги потцени украинските вооружени сили, ги потцени и сојузниците од НАТО, нашата посветеност да ја поддржиме Украина. Всушност, 99% од воената поддршка доаѓа од сојузниците на НАТО, но реалноста е дека ова не е доволно“, изјави Јенс Столтенберг – генерален секретар на НАТО.
Чешка соопшти дека во воената иницијатива се вклучени 15 земји, а износот на собрани средства е 1,6 милијарди евра, најави дека Киев може да ги очекува првите испораки на оружје во следните неколку дена.
„Шведска и Финска ни се придружија како резултат на бруталната агресија врз Украина. Руското раководство оди по стапките на советската империја. Да се спротивставиме на насилникот“, изјави Јан Липавски – министер за надворешни работи на Чешка.
Кремљ реагира-провокациите на НАТО неминовно ќе имаат последици.
„Земјите членки на северноатлантската алијанса, САД, особено другите европски престолнини, влегуваат во нова рунда на ескалација на тензиите во последните денови и недели. Тие тоа го прават свесно. На секој можен начин ја провоцираат Украина да ја продолжи оваа бесмислена војна. Тие самите имаат намера да ја продолжат војната со нас, во буквална и преносна смисла. Сето ова, се разбира, неминовно ќе има свои последици“, изјави Дмитриј Песков – портпарол на Кремљ.
Американскиот државен секретар Блинкен ја обвини Москва за ширење дезинформации дека сад наскоро би можел да му дозволи на Киев да користи американско оружје за цели на руска територија. Со чешкиот министер за надворешни, потпиша договор за спротивставување на лажните вести.
„Преку оваа рамка имаме можност да работиме заедно, да помогнеме да ја развиеме соработката неопходна за ефикасно справување со дезинформациите кои се отров што нашите противници го вбризгуваат во нашите демократии“, изјави Ентони Блинкен – државен секретар на САД.
Средбата во Прага доаѓа во момент кога Москва ги интензивира нападите во Украина. На бојното поле и натаму гори. Загуби и штети и на двете страни. Киев тврди дека Русија распоредува трупи на северот од Харков, но смета дека засега нема доволен број сили да започне нова офанзива.
Бојана Крстевски
