ЗЕМЈОДЕЛСТВО

Субвенции во лозарството

31.05.2024 08:03

Земјоделците кои поседуваат најмалку 2 декари лозов насад ќе можат да добиваат субвенции за нивно одржување. Висината на финансиската поддршка е 12.000 денари по хектар. За предадениот род на регистриран откупувач е 48.000, а за домашни потреби или за на пазар, дополнителните директни плаќања се 28.000 денари за хектар...

Земјоделските стопанства што имаат површини под лозови насади и се регистрирани имаат право на 12.000 денари по хектар за сите лозја.

Услов е да имаат минимална површина од 2 декари, со најмалку 1.390 садници, подигнати до пролетта 2023 година.

Лозарите освен субвенциите за одржување на насадите имаат право и на дополнителни директни плаќања од 28, односно 48.000 денари доколку го продале винското грозје со договор на регистриран производител на вино најдоцна до 30-ти април 2024-та со принос од најмногу 10.000 килограми по хектар и исплатена цена не пониска од 35 денари.

Субвенцијата по двете основи се намалува со зголемување на пријавените површини.

Од 0,2 до 10 хектари субвенцијата е 100 проценти, од 10 до 30 е 60 и над 30 хектари е 30 проценти збирно за сите сорти.

Пари добиваат и регистрираните производители на сертифициран саден материјал, и тоа од 30 до 35 денари во зависност од категоријата на сертификацијата.

Пријавувањето е до 1-ви јули годинава.

 

Методија Трајков