Трамп прогласен за виновен пред Судот во Њујорк
По два дена расправа, 12-члената порота донесе едногласна одлука што го прави Трамп првиот поранешен американски претседател, прогласен за виновен во речиси 250-годишната историја на нацијата...

Доналд Трамп е прогласен за виновен по сите 34 точки во судскиот процес што се водеше против него пред Њујоршкиот суд, за фалсификување документи и исплата на пари, во замена за молк. По два дена расправа, 12-члената порота донесе едногласна одлука што го прави Трамп првиот поранешен американски претседател, прогласен за виновен во речиси 250-годишната историја на нацијата. 77-годишниот Трамп цврсто негира дека сторил нешто лошо и се очекува да поднесе жалба на пресудата која ќе биде официјално изречена на 11 јули.
„Ова беше монтиран судски процес од конфликтен судија, кој беше корумпиран. Не направивме ништо погрешно, јас сум многу невин и се борам за нашата земја. Ова беше направено од Администрацијата на Бајден со цел да повреди политички противник и мислам дека тоа е срамота. Ќе се бориме до крај и ќе победиме“, изјави Доналд Трамп, поранешен претседател на САД.
Пресудата е донесена шест месеци пред претседателските избори на кои Трамп е републикански кандидат. На тест е подготвеноста на гласачите за прв пат да изберат кандидат со криминално досие.
