Стартува атлетскиот викенд „Охрид ТрчаТ“
Од денес до недела Атлетски викенд „Охрид ТрчаТ“. На осмото издание пријавени рекорден број учесници. Околу 2.200 натпреварувачи од 31 земја. И годинава богата програма, покрај трчање и многу забава...

Стартува најмасовната спортска манифестација, од денес до недела се одржува Атлетскиот викенд „Охрид ТрчаТ“. На осмото издание учество ќе земат рекорден број, односно, 2.200 учесници од 31 држава. Годинава има богата програма, вечерва ќе се одржи традиционалната рекреативна ноќна трка, а потоа следи забава со концерт на групата Камелеон на градскиот кеј пред хотелот Палас.
Во најголем дел се учесници од балканските држави, меѓутоа имаме и од европските држави и од надвор Америка и Канада кои доаѓаат за „Охрид ТрчаТ“ викендов. Годинава ќе го имаме и најдобриот македонски атлетичар на сите времиња, а ова ќе биде неговата последна трка пред Европското првенство и пред настапот на Олимписките игри, Дарио Иваноски“, вели Јоне Станкоски.
Покрај промоцијата на спортот „Охрид ТрчаТ“ прераснува и во туристички производ, се повеќе се привлекуваат туристи кои се запознаваат со богатото културно, историско и природно наследство на градот.
За безбедноста и сигурноста на учесниците ќе се грижат бројни волонтери и припадници на охридската полиција и Службата за спасување на планини и непристапен терен на Црвениот крст Охрид.
За време на трките во недела, во делови од Охрид на сила ќе биде посебен режим на сообраќај.
Соња Рилковска
