Блиски Исток

Продолжуваат повиците за прекин на огнот во Газа

31.05.2024 14:41

Растат повиците за прекин на огнот во Газа. Од ООН велат дека Израел е одговорен да овозможи испорака на хуманитарна помош и таа одговорност не завршува на премините во Газа. САД одново го повикуваат Израел да дозволи хуманитарен пристап во енклавата и да ги поштеди цивилите. Проширената офанзива на Израел во јужниот град Рафах во Газа допрва треба да се докаже дали претставува голема операција, велат од Стејт департментот...

Проширената офанзива на Израел во јужниот град Рафах во Газа допрва треба да се докаже дали претставува голема операција, велат од Стејт департментот. САД одново го повикаа Израел да овозможи хуманитарен пристап во енклавата и да ги поштеди цивилите.

„Видовме пораст во воените операции на границата, на коридорот Филаделфија и во периферијата, но не видовме голема операција. Ќе следиме што се случува“, изјави Ведант Пател, заменик портпарол на Стејт департментот.

Од Пентагон известија дека биле оневозможени да извршат воздушни фрлања на дополнителна хуманитарна помош поради временските услови и тековните операции во Рафах. Од ООН велат дека Израел е одговорен да овозможи испорака на хуманитарна помош и таа одговорност не завршува на премините во Газа.

„Израелската војска има одговорност да ги олесни операциите за помош до цивилите. Ние и нашите хуманитарни партнери продолжуваме да правиме се што можеме да ги задоволиме растечките потреби, во услови на активни воени дејствија што го ставаат во опасност животот на хуманитарните работници“, изјави Стефан Дујариќ, портпарол на генералниот секретар на ООН.

Словенија ќе стане десеттата од 27-те земји-членки на ЕУ што ја признаа Палестина. Владата во Љубљана објави дека се приклучува на малиот број европски земји кои ја признаваат палестинската државност.

„Оваа порака за признавање не е насочена кон никого, дури ни кон државата Израел. Ова е порака за мир. Целиот свет, мора да дејствуваме во една насока која носи траен мир на Блискиот Исток, односно во насока на две држави. Очекувам арапските земји да му го признаат истото право на Израел“, изјави Роберт Голоб, премиер на Словенија.

Шпанија, Ирска и Норвешка ја признаа Палестина оваа недела, приклучувајќи се на групата од 140 земји од 193 членки на Обединетите нации.

 

Бојана Крстевски