Политика

Финални преговори за раководни кадри во новата Влада

31.05.2024 14:14

Контурите за новата влада се поставени, иако партиите сè уште не ги откриваат имињата на челните министерски места. Во јавноста познато е дека коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, заедно со „Вреди“ и ЗНАМ ќе го состават владиниот кабинет. Во меѓувреме, ДУИ најави дека бара демократски механизми преку кои очекува дека ќе го донесат повторно на власт.

Панче Тошковски, техничкиот министер за внатрешни работи, се повлече од функцијата имајќи предвид дека заврши неговиот мандат со објавување на конечните резултати од страна на ДИК. Тоа ќе го сторат и останатите кои беа технички, а до изборот на новата Влада со министерствата ќе раководат замениците министри. И додека во тајност се држат имињата на новите министри во Владата, која треба да ја состави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во која влегуваат и „Вреди“ и ЗНАМ на Максим Димитриевски, од кабинетот на претседателката Давкова информираат дека следната недела, до петок, ќе биде доделен мандатот за состав на новата влада која би требало да се формира до средината на јуни.

Во четвртокот Централниот одбор на СДСМ го усвоил правилник за критериумите, начинот и постапката за кандидирање и избор на претседател на СДСМ за вонредните избори, како и правилникот за начинот и постапката за активна регистрација за членови на СДСМ.

„Постапката за кандидирање започнува од 31.05.2024 и ќе трае седум дена, до 06.06.2024 година. Право на кандидатура имаат сите членови на СДСМ кои ги исполнуваат критериумите и високите вредносни, морални и етички норми. За кандидат за претседател на СДСМ може да се кандидира лице со најмалку пет години членство во СДСМ, кој најмалку еднаш да бил избран од страна на конгресот на СДСМ за член на некој од органите на партијата“, информираат оттаму.

Во ЛДП на чело останува Моника Зајкова и целото раководство, но назнаката во нивното соопштение по Централниот одбор е дека во парламентот ќе дејствува независно како и досега, а ќе дадат поддршка на сè што значи напредок на државата.

ДУИ останува да негодува за тоа што е во опозиција, нејзини функционери најавуваат дека Али Ахмети повторно ќе излезе во јавност со чекори, како што велат, против мајоризацијата.

 

Миле Ристески