Обвинителство

Поднесени обвиненија за соизвршителите на убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски

31.05.2024 16:59

По шест месеци поминати во притвор и исто толку долга истрага, Влатко Кешишов, Велибор Маневски и Боре Видевски, и официјално се обвинети за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски. Обвинителен акт за првоосомничениот Љупчо Палевски – Палчо сè уште нема бидејќи тој неодамна беше екстрадиран од Турција и сè уште трае доказната постапка...

Поднесено обвинение против четворица за грабнување и двојно свирепо убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежоски. Според обвинителството мотивот се пари. Тројцата обвинети како соизвршители, заедно со уште едно осомничено лице за кое истрагата за исти кривични дела е во тек, испланирале грабнување на 14-годишното дете со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп, се вели во дописот од ОЈО. Во содржината е наведен начинот на којшто е извршено свирепото дело, податоци кои досега не беа познати за јавноста.

„На 22.11.2023, обвинетите заеднички извршиле грабнување на оштетениот Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје. Отишле до куќата на оштетениот, физички го совладале и го врзале, а потоа го ставиле во багажникот и се упатиле до местото наречено „рудник“ во околината на Велес, каде од користољубие и на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот со огнено оружје – пиштол со калибар“, стои во соопштението од ОЈО.

Пет дена потоа обвинетите и осомничениот, извршиле грабнување на девојчето во влезот од зграда откако претходно нејзиниот татко преку првоосомничениот дал упатства за времето кога Вања ќе излезе да оди на училиште, велат од обвинителството.

„Тројцата сега обвинети со штрафцигер ја отвориле вратата од влезот на зградата, па кога жртвата излегла од лифтот, ја фатиле, ја совладале и ја врзале, заканувајќи и се да не вика затоа што ќе пукаат. Ја ставиле во вреќа за спиење со подотворен патент и со автомобил ја однеле во близина на местото викано „дупки“, во атарот на селото бразда. На свиреп начин, со умисла го лишиле од живот малолетното лице, така што првоосомничениот и нанел огнострелна повреда со истрел од пиштол“, стои во соопштението од ОЈО.

Според обвинителството таткото на девојчето им помогнал да го реализираат нивниот план. Тој е обвинет за помагање во кривичното дело. Надлежните велат дека обвинителниот акт се темели на вербални и материјални докази во однос на дејствијата на обвинетите, но со оглед на тоа што постапката против првоосомничениот кој неодамна беше екстрадиран од Република Турција продолжува, не се во можност да споделува детали во однос на доказниот материјал.

 

Игор Панов