Газа

Претставен трифазен предлог за примирје

01.06.2024 10:34

Американскиот претседател Бајден го претстави израелскиот план во три фази за постигнување примирје во Газа. Првичните реакции од Хамас се позитивни. Западот притиска да се стигне до решение, но, времето истекува. Во опустошената енклава ескалира кризата со глад...

Се гледа ли светло на крајот на тунелот? Меѓународната заедница го поздрави предлогот за прекин на огнот во Газа. Израелскиот план во три фази што го претстави американскиот претседател Бајден треба да стави точка на конфликтот. Првата фаза вклучува шестнеделен прекин на огнот, повлекување на израелските сили од сите населени области на Газа и ослободување на дел од израелските заложници во замена за стотици палестински затвореници. Палестинските цивили би можеле да се вратат во своите домови во Газа и 600 камиони дневно би носеле хуманитарна помош во енклавата. Потоа, Хамас и Израел ќе преговараат за траен прекин на огнот. Втората фаза вклучува размена на сите преостанати живи заложници и почеток на трајниот прекин на огнот, додека последната фаза предвидува голем план за реконструкција на Газа и враќање на останките на починатите заложници на семејствата. Хамас веќе соопшти дека позитивно гледа на содржината на предлогот.

„Израел понуди опсежен предлог, патоказ за одржлив прекин на огнот и за ослободување на заложниците. Предлогот преку Катар му е пренесен на Хамас. Ова е навистина одлучувачки момент. Израел даде предлог, Хамас вели дека сака прекин на огнот. Овој договор е можност и двете страни да потврдат дека навистина го мислат тоа“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.

Планот го поздравија и европските лидери и првиот човек на Обединетите нации Гутереш. Сепак, нема многу простор за тактизирање зашто ескалира кризата со глад во Газа. Обединетите нации претставија алармантни податоци – 4 од 5 деца во енклавата разорена во војна не јаделе цел ден во изминативе три дена. Оттаму го повикаа Израел да го почитува меѓународното право и да дозволи безбеден премин на хуманитарна помош.

„Шокантно е што 85 проценти од децата во Газа не јаделе цел ден во последните три дена“, изјави доктор Маргарет Харис, портпарол на Светска здравствена организација.

Тешко оди доставата на хуманитарната помош зашто војната беснее и храната, водата и лековите не можат да стигнат до оние на кои им се најпотребни.

„Инсистираме, израелските власти да се придржуваат до обврските коишто произлегуваат од меѓународното право. Доставата на хуманитарна помош не завршува на границата или кога пакетот ќе биде пренесен неколку метри преку граница зашто хуманитарните работници потоа треба да возат низ активна воена зона, нешто што тие не можат да го направат. Затоа, за да Ви одговарам на прашањето, не, хуманитарната помош не стигнува до луѓето“, изјави Јенс Ларк, портпарол на канцеларијата на ООН за хуманитарни прашања.

Бројките ја потврдуваат тажната реалност – над 7 илјади деца во Газа се акутно неухранети, од кои кај 1.600 состојбата е крајно сериозна. Болниците во Газа се преплавени со пациенти, а работат само една третина од нив и тоа со ограничени капацитети.

„Црвениот крст на Палестина се обидува да обезбеди услуги без разлика на недостигот од ресурси, способности и персонал. Имаме недостиг од лекови и други материјали. Ситуацијата е многу тешка“, изјави Ханин Вади, шеф на одделот за итни случаи.

Во јавноста се појавуваат сведоштва за нехуман третман на пациентите во единствената болница на Израел, наменета за лекување на приведените Палестинци од Газа. Тел Авив ги отфрли обвинувањата.

„Видов пациенти кои со лисици беа врзани за кревет, со преврзани очи, кои не можеа да одат, да мрдаат, да одат во тоалет или да јадат. Ги хранеа со сламки“, рече медицински работник.

„Ниту една од работите и процедурите што се прават во болницата не се за да се понижат, да им се нанесе болка или да се извлечат информации преку понижување и патење. Тоа не се прави тука“, изјави Мајкл Барилан, професор во медицинското училиште во Тел Авив.

Израелскиот премиер Нетанјаху порачува дека нема да се откажат сè додека не ги ослободат сите заложници и додека не го уништат Хамас.

 

Мартин Пушевски