Се засилува кабинетот на премиерот Груевски
27.06.2014 12:42
Се бараат кандидати за повеќе нови раководни позиции, како и 13 советници. Се ангажираат за да се овозможи реализацијата на бројните проекти од новата владина програма...

Кабинетот на премиерот на Република Македонија објави огласи за ангажирање лица на раководни и нераководни позиции и за советници во повеќе области. Огласите се објавени денеска, а заинтересираните ќе може да аплицираат електронски до 14 јули 2014 година.
Како што информира портпаролот на Владата на Република Македонија, Александар Ѓорѓиев, ќе се бараат лица за раководни и нераководни позиции од областа на странски инвестиции, поддршка на домашната економија, човечки ресурси, протокол и право.
Советниците, како што додаде, ќе бидат за политички прашања, ЕУ, надворешни работи, животна средина, рударство и минерални суровини, култура, економија, претприемништво, индустрија и иновации, земјоделство, правосудство и администрација, енергетика, транспорт и врски, информациони технологии и телекомуникации и за локална самоуправа.
Ѓорѓиев потенцира дека ангажирањето на новите лица е во функција на проширување на човечкиот потенцијал на Кабинетот на премиер со цел реализација на владината програмата за наредниот период, која е обемна.
На двата огласи може да се пријават сите заинтересирани лица кои ги исполнуваат критериумите од огласот, а ќе бидат примени согласно нивните способности, образование, искуство и личен капацитет.
„Даваме еднаква шанса за сите кои сакаат да аплицираат. Нема да има никакво фаворизирање. Единствен критериум при изборот ќе биде личната способност, стекнатото образование, познавањето странски јазици и поденцијалот на самиот кандидат“, потенцира Ѓорѓиев.
Заинтересираните ќе може да аплицираат електронски на веб страната на Владата на Република Македонија.
