Судство

По шест неуспешни обиди за избор на претседател на Уставниот суд, седницата продолжува в понеделник

01.06.2024 14:51

Уставните судии на викенд одмор да си ги разбистрат мислите. По шесте неуспешни обиди за избор на нов претседател на судот, седницата продолжува в понеделник. Во трка се две кандидатки, судијките Татјана Васиќ – Бозаџиева и Ана Павловска-Данева. Изборот се прави со двотретинско мнозинство. Правници коментираат дека треба да се размислува за промена на Деловникот зашто постапката се повторува до конечен избор, а мандатот на Кацарска истекува утре...

Викенд за одмор, па уставните судии в понеделник ќе прават нов обид за избор на претседател кој ќе раководи со судот во наредните 3 години. Досега имаше шест неуспешни обиди за избор. Вакви случаи имало и порано, но по неколку повторени гласања или откажување на некој од кандидатите, на крајот се избирало претседател. Сегашната ситуација, каде двете кандидатки се во трка и некоја од нив треба да добие двотретинско мнозинство го отвора прашањето за потребата од промена на Деловникот, оценуваат од Здружението на млади правници.

Мандатот на Кацарска истекува утре. Доколку и во понеделник нема успешен избор, судот ќе може да продолжи да работи како колективно тело, но со ограничени ингеренции, велат од Здружението на млади правници.

Според Деловникот, претседателот на Уставниот суд ги потпишува одлуките, решенијата и другите акти на судот, може да покрене постапка за оценување на уставноста на одреден закон или пропис, свикува седници и раководи со нив, а во негово отсуство раководи судијата кој е следен по азбучен ред. За да може да се одржи седница, потребно е присуство на најмалку 5 од 9-те уставни судии. За одлука е потребно да гласаат најмалку 6 судии.

 

Ирина Гелевска