Околу 15 илјади кандидати во училишните холови и сали полагаа мајчин јазик и литература
Под будното око на двајца набљудувачи, проверено знаењето на околу 15 илјади средношколци. Тие денеска полагаа мајчин јазик и литература – прв од двата екстерни испита од државната матура. Пред камерата на МТВ, дел од оние кои го завршуваат средното образование, велат дека добро поминале. Од Државниот испитен центар предупредија – оние кои препишуваат, добиваат нула поени, што значи дека испитот ќе им биде поништен...

Училишното ѕвонче повторно ги врати во клупа матурантите – мајчин јазик и литература прв тест од државната матура . Полагањето траеше три часа, а за некои и помалку од тоа. За едни, тестот тежок, за други едноставен, размислувањата се поделени.
Матурата во целата држава почна навреме. Учениците првпат полагаа во холовите и во салите на училиштата, за да се намали препишувањето и да се добијат објективни резултати. Беа ангажирани 2.000 наставници како набљудувачи – по еден на 15 матуранти.
„Препишувањето е неисплатливо, дури и да успеат денеска да ги прекршат правилата, да извадат телефон и да препишуваат, тоа ќе биде видено и прочитано во текот на оценувањето. Оваа година, секој препишан текст, секој текст што е идентичен, не само што ќе се бодува со нула на тоа прашање, туку целиот испит ќе биде поништен“, изјави Биљана Михајловска, директорка на Државниот испитен центар.
Учениците имаат можност да го решат тестот за три часа без право на пауза и мобилен телефон – така налагаат правилата . Во скопската гимназија Орце Николов полагаа 276 ученици. За новиот концепт потребна била поголема организација.
„Во разговор со учениците за кратко време го прифатија овој начин на полагање, сепак за сите нас е нов, требаше малку повеќе организација во простор за да можеме да се организираме. Сите ученици од нашето училиште полагаа тука“, изјави Митко Димовски, директор на Средното државно училиште Орце Николов.
Прелиминарните резултати ќе бидат готови до 8-ми јули
Вториот изборен предмет ќе се полага на 8-ми јуни. Средношколците кои во јунската сесија нема да ја положат државната матура, ќе можат да полагаат во августовата, двата предмета ќе се помагаат на 12-ти и 14-ти август.
Андријана Ѓурческа
