Руско-Украински конфликт

Масовен руски напад врз Украина, погодена енергетската инфраструктура

01.06.2024 15:33

Нови жестоки руски напади врз Украина. Погодена е енергетската инфраструктура на земјата, вклучително и две термоелектрани. Москва од март ги засили нападите и на топлинскиот и на хидроенергетскиот потенцијал на Украина, со што земјата ја натера на драстичен увоз на струја. Новите удари доаѓаат во време кога САД и неколку други земји му дозволија на Киев да користи западно оружје за напади врз руска територија, од каде што се лансираат ракетите кон Украина...

Жестоки руски напади врз критичната инфраструктура во Украина. Оштетени се енергетски објекти во пет региони во земјата. Украинската противвоздушна одбрана тврди дека соборила над 80 крстосувачки ракети и повеќе од 40 беспилотни летала. Украинскиот национален оператор јавува за оштетувања на енергетски објекти во Доњецк, Запорожје, Дњепро-Петровск, како и во централниот регион Кирово-град. Руските сили од март ги засилија нападите, онеспособувајќи голем дел од термо и хидроцентралите во Украина. Нападите предизвикаа недостиг на струја и зголемување на увозот на електрична енергија на рекордно ниво.

„Изутрината русите извршија уште еден удар на украинските енергетски постројки. Од март ова е веќе шести, сложен ракетен и беспилотен напад на цивилната енергетска инфраструктура“, велат од „Укренерго“.

По масивните напади, украинскиот претседател Зеленски преку социјалната мрежа „икс“ повторно повика на целосна заштита на украинското небо, истакнувајќи дека на земјата и се потреби повеќе системи за противвоздушна одбрана. Претходно и пред лидерите на нордиските земји истакна дека бавното снабдување со воена помош е главниот непријател на Украина.

„Русија, сигнализира дека можеби е подготвена да изврши агресивни провокации, особено против границите во балтичкиот регион. Мораме да го промениме ова. Клучот за позитивна промена е за нас на фронтот и во војната севкупно е воздушната одбрана, се разбира. Русија нема друга фундаментална предност освен воздушните бомби, ракетите и борбените авиони“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Во меѓувреме, Кина тврди дека ќе остане објективна во однос на конфликтот меѓу Русија и Украина. Кинескиот министер за одбрана на средбата со американскиот секретар за одбрана Остин која се одржа на маргините на самитот во Сингапур ветил дека Пекинг нема да испорачува оружје на ниту една од страните, но што поскоро изнаоѓање мировно решение за окончување на војната.

„Кина постојано одржува објективен и непристрасен став, залагајќи се за политичко решение. Кина ја почитува својата заложба да не дава оружје на ниту една од страните вклучени во конфликтот и строго го регулира извозот на предмети со двојна употреба во согласност со законите и прописите, Кина ќе продолжи цврсто да ги охрабрува мировните преговори и да игра конструктивна улога, но решително се спротивставува на префрлањето на вината од САД и избегнувањето на одговорностите“, изјави Донг Јун, министер за одбрана на Кина.

На собирот на највисоките функционери за безбедност што се одржува во Сингапур, пристигна и украинскиот претседател Зелеленски. САД во минатата недела одобри користење на американската муниција за ограничени цели во внатрешноста на Русија. Поддршка за поголема слобода да го користи своето оружје против руските напади пристигна и многу други сојузници на Украина.

 

Маја Стојанова