Политика

Преговорите за Влада продолжуваат, партиите не откриваат детали

01.06.2024 16:30

Преговорите за формирање на новата Влада се пред крај. Се разговара за вторите и третите ешалони, но, информации со јавноста не се споделуваат. Претседателката Сиљановска-Давкова до 7-ми јуни треба да го даде мандатот, што значи дека од следната недела ќе почнат да течат роковите и за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, кој ќе има 20 дена да ги достави до Собранието составот и програмата за работа на Владата.

Течат преговорите за формирањето на новата Влада меѓу коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ и „ЗНАМ“. Партиите потврдуваат дека разговорите се во финална фаза, но официјално имиња не се откриваат, иако на дневен ред се и вторите и третите ешалони. Од ВМРО-ДПМНЕ само кусо коментираат дека кога ќе го финишираат договорот, сите детали ќе и бидат соопштени на јавноста.

Од ЗНАМ велат дека преговорите за соработка со ВМРО-ДПМНЕ и учество во идната Влада се во завршна фаза, но и тие не соопштуваат конкретни детали.

„Отворени се прашањата за одредени ресори, но тие во овој момент не се докрај дефинирани, ниту потврдени, а разговорите продолжуваат континуирано во наредните денови. Конкретните кадровски решенија и одлуките за тоа ќе ги донесат органите на движењето знам, низ соодветна интерна партиска процедура и истите ќе бидат соопштени во јавноста. Секоја шпекулација за одредени имиња ги оценуваме како неточни“, повторуваат од ЗНАМ.

Рокот за доделување на мандатот за состав на идната влада истекува на 7-ми јуни. Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова идната недела ќе го додели на Мицкоски мандатот за состав на новата влада.

Се огласија и од Алијанса за Албанците на Зијадин Села. Оттаму критикуваат дека Албанците се обесправени.

„Во текот на овие три децении, Албанците во Република Северна Македонија воделе најмалку 5 од 15 министерства/ресори, односно 6 од 15 министерства/ресори и на крајот 8 од 16 министерства/ресори (без да се споменуваат министрите без ресор и вицепремиери). Уште полошо, ќе направат законски измени за да бидат 4 од 19, што ќе биде политичко-институционално егзекутирање на Албанците“, велат од Алијанса за Албанците на Зијадин Села.

Претходно, од Коалицијата „Вреди“ кажаа дека очекуваат преговорите за коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ да завршат во наредните дена.

 

Борис Грујоски