Притисок да се прифати предлогот
Израелскиот премиер се наоѓа меѓу чеканот и наковалната. Дел од министрите се закануваат со оставки и со пад на Владата доколку Нетанјаху го прифати предлогот за примирје во Газа. Илјадници демонстранти од улиците на Тел Авив повикаа на спротивното – Нетанјаху да го послуша Бајден за заложниците да се вратат дома...

Планот за примирје во Газа го тресе кабинетот на Нетанјаху. Дел од министрите кои доаѓаат од крајната десница се заканија со оставки и пад на Владата доколку премиерот се согласи со планот што го претстави американскиот претседател Бајден. Министрите за финансии Смотрих и за национална безбедност Бен-Гвир сметаат дека пред да се склучи каков било договор, Хамас треба да се уништи. Од друга страна, Нетанјаху доби поддршка од опозицискиот лидер Јаир Лапид кој ќе застане зад него доколку се одлучи за примирје.
„По говорот на претседателот Бајден му реков на премиерот дека ќе ги поддржам него и Владата во однос на договорот што ќе го постигнат за ослободување на заложниците. Не смееме да заборавиме дека нема поголем подвиг од нивно враќање. Тоа се граѓани на Израел кои државата не ги заштити и одбрани. Обврска кон нив е да ги вратиме дома како дел од договорот што ќе ги заштити израелските безбедносни интереси“, изјави Исак Херцог, претседател на Израел.
Илјадници луѓе викендов се собраа на протест во Тел Авив со повик да се прифати предлогот за заложниците да се вратат дома.
„Мислам дека последниот предлог што дојде од Нетанјаху и Бајден е најдоброто можно нешто во овој момент. Клучно е сите страни да го прифатат предлогот и на ова гледам како на последна шанса. Многу заложници повеќе не се меѓу нас, а дел од нив се со последни сили. Затоа ни е потребен овој договор“, вели Шарон Лифшиц, ќерка на заложник.
„Протестираме зашто сакаме заложниците да се вратат дома и сакаме нашата Влада да го послуша претседателот Џо Бајден. Послушајте и прифатете го договорот за заложниците да се вратат дома. Тие тоа го заслужуваат и тоа е исправен, морален чекор“, рече Гилан Глик, учесник на протестот.
И од другата страна на границата, во Газа, Палестинците живеат во надеж дека предлогот ќе донесе прекин на огнот.
„Предлогот доаѓа доцна, но подобро доцна отколку никогаш. Затоа, се надеваме дека со божја помош, со американската администрација и европската заедница ќе се изврши притисок врз Израел за прекин на огнот, за да ги спасиме децата и жените од Газа“, вели Акрам Абу ал-Хасан, раселен Палестинец.
„Секој предлог што води кон наше враќање дома и до обнова на нашите домови и ослободување на затворениците го поддржуваме, сите ние како народ и јас како граѓанин го поддржувам предлогот“, рече Имад Хасона, раселен Палестинец.
Планот во три фази што го претстави Бајден предвидува шестнеделен прекин на огнот што ќе значи повлекување на израелската војска од Газа, ослободување на сите заложници, крај на насилствата и повоена реконструкција на енклавата. Нетанјаху јасно стави до знаење дека претходно мора да се уништи Хамас. Американците туркаат обнова на дијалогот – државниот секретар Блинкен остварил средба со катарскиот премиер и шефовите на дипломатиите на Египет и Обединетите арапски емирати.
Мартин Пушевски
