Преспански договор

Мицотакис чека сигнал од Мицкоски

02.06.2024 14:43

Нова порака од Атина до Скопје. Грчкиот премиер Мицотакис очекува, идниот мандатар Христијан Мицкоски на јасен и категоричен начин да каже дека ќе го почитува Преспанскиот договор. Тој се закани дека нема да прифати отстапување од користењето Северна Македонија за севкупна употреба. Мицкоски деновиве посочи дека за разлика од соседната земја, кај нас, Преспанскиот договор е дел од македонските институции, но негово основно човеково право е како државата ќе ја нарекува во јавноста...

Грција бара од идниот мандатар Мицкоски јасно да изјави дека го почитува Преспанскиот договор. Нема да прифатиме името да не се употребува „ерга омнес“, односно поинаку за внатрешна и надворешна употреба, изјави грчкиот премиер Мицотакис на Крит за време на кампањата за европските избори. Тој додаде дека се надева оти раководството во Скопје нема да го стави во опасност европскиот тек и ќе преовладее логиката.

„Очекувам од мандатарот за премиер на Северна Македонија на јасен и категоричен начин да изјави дека го почитува Договорот од Преспа, дека името на неговата земја е Северна Македонија, „ерга омнес“ и во внатрешна и во надворешна употреба. Во моментов намерата на ВМРО е во практика да го оспори едното и единствено име за сите. Грција нема да го прифати тоа“, изјави Кирјакос Мицотакис, премиер на Грција.

Мицкоски по ова прашање веќе се изјасни дека Преспанскиот договор е реалност, дел од Уставот и законите и дека така ќе се одвиваат комуникациите во институциите и меѓу институциите, но Мицкоски рече дека негово основно човеково право е како ќе ја нарекува државава.

„Мое основно човеково право е како јас мојата држава ќе ја нарекувам. И додека давам изјави и додека се обраќам пред вас новинари, и јас и очекувам тоа да биде начин на однесување на претседателката Сиљановска, да се користат термините Македонија и придавката македонски. Бидејќи на тој начин според нашето толкување на Преспанскиот договор, нема прекршување на истиот“, изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Прашањето за почитување на Преспанскиот договор со употреба на уставното име за сите, Грција ќе го покрене и на претстојниот НАТО самит во Вашингтон.

 

Ирина Гелевска