Македонија

47-годишен маж убиен во тетовско Боговиње

02.06.2024 14:52

Убиство во Боговиње. Жртвата е 47- годишен маж од селото. Му пресудил соселанец со пушка. Убиецот е приведен на пат кон Тетово, оружјето е пронајдено. Настанот се случил во угостителски објект, каде што имало и други луѓе...

47-годишен маж е застрелан од огнено оружје во Боговиње, по што им подлегнал на повредите. На свирепото убиство му претходела вербална расправија, а потоа 50-годишниот сторител почнал да стрела со пушка кон жртвата. Настанот се случувал во угостителски објект каде што во моментот биле присутни и други гости. Осомничениот за убиството е идентификуван и приведен кога се упатил кон Тетово. Кај него е пронајдено оружјето со кое е извршено делото.

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство изврши увид на местото на немилиот настан. Издадена е наредба за вештачење на трагите, се вршат разговори со сведоците.

„Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство - Тетово изврши увид на самото место во Боговиње, каде едно лице беше лишено од живот со огнено оружје. Сторителот е идентификуван и лишен од слобода, а кај него е пронајдено и оружјето со кое го извршил делото“, стои во соопштението од ОЈО-Тетово.

Јавното обвинителство во Тетово издаде наредба за обдукција на телото на убиениот.

 

Маја Стојанова