Регион

Денеска во Србија се одржуваат локални избори

02.06.2024 15:31

Во Србија се одржуваат локални избори, во 88 градови и општини и во Белград. Не се очекува да се случи некаква промена на политичкиот пејзаж, дотолку повеќе што дел од опозициските партии се одлучија за бојкот. Нивниот аргумент е дека власта на Вучиќ не обезбедила еднакви услови за фер избори. Гласачките места се отворени до 20 часот...

Од 7 часот наутро во Белград и во цела Србија се гласа на повторените избори за градот Белград, но и за уште 88 други градови и општини, меѓу кои се и Ниш, Нови Сад, Суботица, Ваљево и Чачак и други градови.

Овие избори се значајни поради тоа кој ќе ја освои власта во повторените избори во Белград, но и во вториот и третиот по големина град во Србија, Ниш и Нови Сад.

Владејачките партии СНС и СПС на Вучиќ и на Дачиќ на овие избори одат во коалиција и со една изборна листа.

За разлика од опозицијата каде што поголемите партии, како партијата на Ѓилас-ССП, на Јовановиќ-ДСС, Заедно и Центар ги бојкотираат изборите на ниво на градот Белград, додека на локално ниво оставија сами да одлучат локалните штабови. Ова ќе влијае на гласањето, бидејќи останатиот дел на опозицијата излегува на овие избори со една изборна листа.

Тоа се Демократската партија, партијата на Чута, Зелено-левиот фронт и останатите партии.

„Изборите се фестивал на демократијата. Волјата на граѓаните ќе биде единствена закономерност и секако дека јас сум умерен оптимист дека листата на СНС што ја поддржувам-Александар Вучиќ за Нови Сад ќе победи во Нови Сад и во сите други локални самоуправи. Какво и да биде исходот на гласање, ќе ги признаеме изборите без одолговлекување или оспорување“, изјави Милош Вучевиќ, премиер на Србија и претседател на СНС.

„Опозициската коалиција што излезе на изборите ќе соработува и со сите други опозициски листи. Се надевам на голем одѕив, имаме некои проекции, говориме за одѕив каков што беше за локалните избори, дека ќе биде околу 50 насто, но со сигурност не можеме засега да тврдиме. Жал ми е што нашите опозициски колеги го избраа патот на бојкот. Во овој момент само тактички се разликуваме во тоа како во Белград требаше да настапиме. Во мнозинството преостанатите градови, опозицијата излегува заедно, што ќе биде работа на анализи и разговори после 3-ти јуни“, изјави Добрица Веселиновиќ, кандидат за градоначалник на Белград од опозициската изборна листа „Го избираме Белград – Добрица Веселиновиќ – Милош Павловиќ“.

Анкетите говорат дека на овие избори ќе победат владејачките партии, СНС и СПС, за разлика од опозицијата која се надева дека сепак ќе смогне сили да победи во Белград, но и во Ниш и Нови Сад каде ќе биде најнеизвесно.

 

Оливер Бранковиќ