Промовирани првите 10 дела од едицијата „Врвови во светската филозофија“

27.06.2014 13:39

Првите 10 од вкупно 366 капителни дела од проектот „Врвови во светската филозофија, историја, психологија и психоанализа“ промовирани на Филозофскиот факултет. До крајот на годинава ќе бидат преведени, испечатени и промовирани уште 50 книги...

Создавани во временски опсег од близу пет столетија со широк тематски спектар – промовирани првите 10 дела од едицијата „Врвови на светската филозофија, историја и психологија“. Оние кои ќе го користат велат дека проектот ќе биде од корист и за студентите и за професорите.

„Со обезбедувањето на високо квалитетни преводи треба да се создаде цврста платформа за понатамошното градење и  достигнување не само на стандардите на научната дејност туку и воопшто на македонската култура и на македонскиот јазик“, рече Горан Ајдински, декан на Филозофски факултет.

Според министерката за култура, едицијата иницира долгорочна мисија на развивање и подигање на нивото на општата интелектуална култура.

„Врвовите на светската филозофија, историја и психологија се еден од најголемите певедувачки предизвици што воопшто некогаш се поставиле пред нашата јазична и културна зедница“, изјави Елизабета Канческа- Милевска, министер за култура.

„Секој ваков проект на превод, на голем број на книги, особено кога тие се од одредена стручна фела влијае на понатамошното збогатување и стандардизирање на македонскиот јазик“, нагласи претседателот на Владата, Никола Груевски.

Со овие преводи, македонскиот јазик влегува на уште поголема врата во семејството на високо-развиени јазици на современата цивилизација која на дело ја покажува својата моќ и способност да ги пренесе и изрази најсложените идеи на светската наука и култура, изјави премиерот Груевски.

До крајот на годинава ќе бидат преведени, испечатени и промовирани уште 50 книги.

Едицијата „Врвови на светската филозофија, историја, психологија со психоанализа“ предвидува превод на 366 наслови.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска