ИЗРАЕЛ - ХАМАС

Се чека одговор на Израел за примирје

03.06.2024 09:50

Притисокот на САД врз Нетанјаху доведе до поделби во израелската влада. Ако премиерот го прифати договорот ќе ја соборам Владата- закана од министерот за национална безбедност...

Во исчекување на официјалниот одговор на Израел за предложениот договор на Вашингтон за примирје во Газа, државниот секретар Блинкен на телефонска линија со министерот за одбрана на Тел Авив. Галант потврди дека Израел подготвува алтернатива за владеењето на Хамас низ Појасот.

„Безбедносниот естаблишмент ја подготвува владејачката алтернатива за Хамас. Штом ги изолираме областите, од нив ќе ги отстраниме луѓето од Хамас и ќе воведеме други сили што ќе овозможат друга влада која исто така ќе претставува закана за терористите“, Јоав Галант, министер за одбрана на Израел.

Од Белата куќа сигурни дека ако Хамас се согласи, и Израел ќе го прифати договорот на Бајден. Велат дека Нетанјаху и неговиот тим предложиле договор за прекин на огнот.

„Она што го добивате е почеток на првата фаза. Првично добивате заложници кои излегуваат, па малку смиреност, па добивате уште хуманитарна помош дури и до 600 камиони, а потоа двете страни можат да почнат да разговараат за втората фаза“, Џон Кирби, портпарол на белата куќа.

Притисокот на САД врз Нетанјаху доведе до поделби во израелската влада. Министерот за национална безбедност со закана-ќе ја соборам владата ако премиерот го прифати договорот.

„Договорот значи откажување од уништувањето на Хамас, од продолжување на војната, тоа е непромислен договор. Нема тотална победа, туку тотален пораз од Хамас. Ако премиерот Нетанјаху продолжи да го води овој договор, ние ќе ја растуриме владата“, изјави Итамар Бен-Гвир, министер за национална безбедност на Израел.

На терен, израелските сили продолжија со офанзивата во Рафах. Низ Појасот погодени над 50 цели, тврди одбраната на Тел Авив додека проиранските групи го возвраќаат ударот од сите страни.

 

Бојана Крстевски