ИЗРАЕЛ

Клаудија Шеинбаум прва жена претседател на Мексико

03.06.2024 12:06

Во двовековната демократска историја, Мексико за првпат избра претседателка на државата. 61-годишната Клаудија Шинбаум, Еврејка по потекло од Бугарија, го наследува нејзиниот ментор, претседателот Обрадор, но и програмата за социјална и инфраструктурна изградба на Мексико. Ривалката Галвез ја честиташе победата, но забележа-изборниот процес е нееднаков за сите конкуренти, особено поради учеството на извршната власт во кампањата...

Да живее Мексико! 127-милионската нација доби жена за претседател, прва во 200-годишната демократија на земјата. Клаудија Шеинбаум, 61-годишната докторка на науките по еколошки инженеринг и научник во областа на енергетиката, освои огромни 58 до 60 насто гласови, 30 повеќе од ривалката, претприемачката Сочи Галвез.

„Нема да ве изневерам“, беше првата порака на наследничката на досегашниот шеф на државата Обрадор, ментор на Шеинбаум. Примарни и се социјалните програми.

„Ќе го гарантирам пристапот на Мексиканците до образованието, здравството, домувањето, културата, ќе градиме држава на благосостојба. Стратегиски проекти ќе бидат железницата, патиштата, мостовите, пристаништата и аеродромите. Ќе работиме на обновливата енергија. Во надворешната политика ќе се залагаме за меѓународна соработка, самоопределување и мир. Со САД ќе продолжиме со релациите на меѓусебно почитување и еднаквост, како и досега. Ќе ги браниме и правата на Мексиканците од другата страна на границата“, изјави Клаудија Шеинбаум-претседателка на Мексико.

Противкандидатката Галвез, го честиташе успехот на новоизбраната претседателка. Сепак, не пропушти да ја спомне вмешаноста на извршната власт во кампањата и на самиот изборен ден.

„Не можеме да го пренебрегнеме фактот дека ова беше сериозно нееднаков изборен процес, со системско учество на извршната власт и на неразумната употреба на социјалните програми. Ова исто така беше и изборен процес со најмногу насилство во историјата на Мексико. Барам да се решаваат проблемите со почитување на Уставот. Во спротивно, ако е неопходно ќе ги заземеме улиците за да ја одбраниме демократијата“, изјави Сочи Галвез-кандидат за претседател на Мексико.

Пред да стане шефица на државата, Шеинбаум беше градоначалничка на мегалополисот Мексико Сити. Долго време е дел од владејачката Морена партија, таа има еврејско потекло, бабата и дедото на Шеинбаум, бегајќи од нацистите, имигрирале во Мексико од Бугарија, јавува британскиот јавен сервис. Справувањето со бројните наркокартели, неизбежно ќе биде и една од главните битки на првата претседателка на Мексико.

 

Зоран Богатинов