Земјоделство

Се помалку земјоделци по нивите

03.06.2024 14:28

На земјоделството му требаат сериозни реформи за да се ослободиме од увозната зависност од храна. Иницијативата е на бизнисот, а кадрите кои ќе произлезат – дигитални земјоделски инженери, треба да овозможат намалени трошоци и поголеми приноси на храна, а особено да ја помогнат дигитализацијата кај малите производители. Проблем е тоа што млади земјоделци нема ни за лек...

Сериозно опаѓа бројот на младите земјоделци. Тие сè помалку гледаат надеж во оваа стопанска гранка во државата, алармираат надлежните. За овој податок да се промени, професорите спасот го гледаат во дигитализација на земјоделството кое последниве години е во слободен пад. Земјоделците бараат пониски трошоци за поголеми приноси на храна.

Нема официјални информации колкава е просечната старост на македонскиот земјоделец, но сите се согласуваат дека ова е горлив проблем, на кој му е потребен сериозен приод за надминување.

Мерки за поттикнување на младите

Последниве години државата промовира мерки за поттикнување на младите да се занимаваат со земјоделство, но за жал, видлив ефект сè уште нема.

Суштински промени во дејствувањето мора да има сега и веднаш, но и посериозен третман од државата.

Инаку, во организација на Факултетот за земјоделски науки и храна, се одржа панел-дискусијата за дигитализација во земјоделството, предизвици и можности за прехранбениот сектор.

 

Борис Грујоски