Германците ги повлекоа Американците во осминафиналето!
Поради составот, Германија, Португалија, Гана и Соединетите Американски Држави, неизвесноста во Групата Г беше предвидена уште при извлекувањето, но не можеше да се претпостави дека првото коло ќе се покажа како клучно...

И во својот 18-от мундијал, Германците не побегнаа од притисокот да бидат фаворити и ја понижија Португалија на Арената Фонте Нова во Салвадор со 4:0. Формацијата 4-2-1-2-1 со Милер како лажна деветка ги неутрализира Португалците, го направи анемичен и онака недоволно опоравениот Кристијано Роналдо и и овозможи на Германија да слави во стотиот натпревар на Светските шампионати. Златната копачка од Јужна Африка, Милер со хет - трик продонесе „панцерите“ да ја продолжат серијата од четири постигнати голови на сите стартни мечеви на мундијалите во овој милениум. На неговата блескава партија се надоврза и Хумелс, но и недисциплинираниот Пепе кој во свој стил „поцрвене“, удирајќи го токму играчот на мечот.
По двата мундијалски пораза од Гана по 2:1, Американците дочекаа ден за одмазда. Во Натал, славеа - резултатски на ист начин, но психолошки на многу болен за „црните ѕвезди“. Демпси во 29-та секунда го постигна петтиот најбрз гол на првенствата за 1:0 за САД. Африканците беа подобри, упатија 21 удар и израмнија преку Андре Ајев, но повторно поради наивност испуштија важен бод. Им подарија корнер на Американците којшто во судиското надополнување во гол го претвори Брукс, подоцна ќе се покаже дека тоа е погодокот што ќе ја исфрли Гана.
Возбудливото второ полувреме во Форталеза, најави дека Германија не е неранлива, а дека Гана има потенцијал. 2:2 со пресврти и со историски бројки. По голот на Геце за 1:0, Андре Ајев изедначи на 1:1. Драматичната разврска почна со водечкиот гол за Гана на Гиан, негов петти мундијалски со што се израмни со легендарниот Роже Мила. Сега, заедно се најефикасните африкански фудбалери на Светските првенства. А се заврши со погодокот на Клосе, 15-ти на шампионатите за израмнување на рекордот на Бразилецот Роналдо. Притоа, Мирослав по Пеле и Зелер е само третиот фудбалер што постигнал голови на четири мундијали.
Ремито меѓу Германија и Гана им отвори шанса на Португалците, но најдобриот светски фудбалер, Кристијано и неговата дружина не само што не триумфираа, туку се спасуваа од пораз. 2:2 и во Манаус, иако Американците го продолжија неславниот рекорд и по седми пат примија гол во првите пет минути. Сепак, погодокот на Нани не ги спречи упорните “Јенки“ да го свртат резултатот со головите на Џонс и на Демпси кој ја затресе противничката мрежа и на својот трет мундијал. Американците се до судиските дополнителни минути имаа осминафинале, кога Варела погоди за 2:2 и за барем теоретски неизвесно последно коло.
А во него, на Германија и на САД коишто во претходните девет меѓусебни дуели немаа реми, им одговараше и нерешено за заедно да влезат во нокаут фазата. Фудбалерите на Гана се надеваа на пораз на Американците и на победа против Португалија којашто само со нереално убедлив триумф можеше да направи чудо.
Мирни 90 минути во Ресифе меѓу пријателите на клупите, Лев и Клинсман кои во 2006-та заедно ја донесоа Германија до третото место. Јирген кој за „панцерите“ одигра 108 натпревари и постигна 47 голови, се обиде со затворена варијанта да ги сочува почетните 0:0. Сепак, мајсторкиот шут на Милер беше неодбранлив и за одличниот Хауард. 1:0 за Германија, но за заедничко задоволство, затоа што Гана загуби, но Португалија не победи со потребните четири разлика.
2:1 за Португалците во Бразилија, Гана поткленаа под императивот за триумф. А се ќе беше поинаку и ќе и беше доволно и нерешено, да не примеше гол во последните секунди во провото коло против Америка. На автоголот на Боје и на израмнувањето на Гиан, одговори Кристијано Роналдо со единствениот гол во Бразил за неутешна победа за Португалија којашто остана трета со 4 бода исто колку и САД, но и со три погодоци послаба гол разлика. Иако имаше реални шанси, Гана заврши последна со само бод, Германија со седум го освои првото место и тоа без пораз за осминафинале в понеделник во Поро Алгере против Алжир. Со третиот пласман меѓу шеснаесете најдобри, Американците на 1 јули во Салвадор ќе и се спротивстават на Белгија.
