Здравство

Германски експерти во вонредна контрола, хируршките сали веќе трета недела затворени

03.06.2024 16:36

Хируршките сали на Клиника сè уште работат во вонредни услови и само за итни случаи. Се чекаат резултати од германска лабораторија. Но наместо одговори, за Германците се отворија сомнежи и нови прашања, па денеска во вонредна обиколка дојдоа да проверат зошто во едни сали мириса, а во други не...

Тригодишно дете од Гостивар со скршена бутна коска од Хируршките клиники замина дома со гипс, наместо да биде оперирано. Вака решиле лекарите поради тоа што не работат операциските сали. Иако првично планот бил операцијата да се изврши во Велес со лекарски тим од хирургија, сепак гипсот е алтернативното решение.

„Дека не работеа салите ни рекоа да пробаме прво со гипс да се среди ноџето, бидејќи е многу мал може да се помине без операција. Во петок пак ќе дојдеме на контрола, доколку треба тогаш ќе го оперираат“, рече мајката на детето.

Пред Хируршките клиники чекаше и син, чиј татко треба да биде опериран од карцином, а речиси три недели му ја одложуваат интервенцијата. Не сакаше да зборува јавно, но вели слична судбина делат многумина.

Од заедничката служба на клинички тврдат дека проблемот не е во компресорската станица за кислород и дека таа работи без прекин. Ги повикаа клиниките да откријат од каде доаѓа лошата миризба во операциските сали. Германската фирма која го врши сервисот на компресорите прави вонредно испитување.

„Тие носат мини лабораторија, беа во нашиот дел, ќе одат во салите доколку најдат причинител во нашиот дел ќе дадат препорака, доколку најдат во операционите сали ќе дадат препораки за клиниките. Во досегашните испитувања утврдено е дека треба да се сменат компресорите“, изјави Стојче Николовски, Служба за заеднички работи на Клинички центар.

Веќе една недела, јавноста ги чека резултатите од примероците од гас кои се испитуваат во германска лабораторија кои треба да покажат што ја предизвикува лошата миризба. Од Министерството за здравство нема одговор кога ќе пристигнат.

Хируршките сали веќе трета недела се затворени, се оперираат само сложени и итни операции. Илјадници хронични операции се одложени, а итните пациенти се препраќаат во болницата „8-ми Септември“ и во клиниката „Свети Наум Охридски“.

Германски експерти во вонредна контрола, 

 

Андријана Ѓурческа