ДИЦ ќе им ги поништи матурските испити по мајчин јазик на „Вибер препишувачите“
Државниот испитен центар ќе формира комисии што ќе ги филтрираат и ќе поништат матурските испити по мајчин јазик на „Вибер препишувачите“. Сите докази ќе ги насочат до оценувачите.

Државниот испитен центар ќе лови препишувачи. За прв пат формирани 10 комисии по еден за секој предмет од матурата, кои ќе утврдуваат евентуални неправилности. Ова следува откако во сабота беше откриена Вибер група во која беше споделен тестот по мајчин јазик и литература. ДИЦ и за ова формираше комисија составена од експерти кои ќе имаат задача да откријат кои матуранти препишувале. Нивниот тест ќе биде поништен и тие ќе полагаат во августовскиот рок. Директорката Михајловска апелира средношколците да не ризикуваат и да мора да одат на полагање и наредната година.
Државниот испитен центар нема ингеренции да ја избрише групата, но на оценувачите ќе им биде даден текстот од разговорот на апликацијата Вибер. Михајловска ќе предложи до новата Влада и до ресорното министерство, во иднина да се обезбедат блокатори на сигнали за мобилни телефони. За да се спречи препишување за прв пат матурантите наместо во училница испитите ги полагаат во холовите и спортските сали на училиштата. Ангажирани се над 2.000 тестатори. Вториот екстерен предмет се полага во сабота, резултатите ќе бидат објавени 30 дена по полагањето.
Викторија Милевска
