Фудбал - СП Бразил 2014

Колумбија хит, Грција веќе видено

27.06.2014 15:34

Наизглед неатрактивна, без звучни имиња, со навидум израмнет квалитет , Ц групата на светското првенство ја споредуваа со минско поле, секој може да помине , но и секој да настрада, група во која секој може да победи секого...

Колумбија важеше за мал фаворит, но откако пред шампионатот остана без Фалкао многумина и ги намалија шансите за осминафинале, нешто што во претходните 4 настапи на мундијалите им успеало само еднаш, во Италија 90-тата од времето на славната генерација на Асприља, Валдерама,Ескобар и другите...Но оттогаш само еднаш и тоа дома го освоиа тогаш контроверзниот копа Америка по што завладеа затишје во колумбискиот фудбал. Се до квалификациите за Бразил.Под водство на еден од најдобрите и најискусните тренери Пекерман, Колумбија со само два бода зад Аргентина го освои второто место во квалификациите покажувајќи дека на неа треба сериосно да се смета. Компактниот состав, одлично покриен на сите позиции и со нова плејада ѕвезди  како Куадрадо, Родригез, Мартинез, Гуарин и Санчез својата моќ ја покажа уште на стартот во Ц групата. Убедливо со 3-0 ја победија Грција, демонстрирајќи комплетна надмоќ над селекцијата што во 2004-тата го изненади светот со освојувањето на европската титула.Армеро , Гутиерез и Родригез го урнаа митот за непробојната грчка одбрана и го направија првиот голем исчекор кон нок-аут фазата.

Втоирот меч од првото коло требаше да го открие вториот фаворит од групата, но иако селекцијата на Брегот на Слоновата Коска ја победи Јапонија со 2-1, ниту едните ниту другите не беа убедливи потврдувајќи дека неизвесноста ќе потрае до последните натпревари. Барем за второто место откако Колумбијците со втора победа 2-1 над Брегот на Слоновата Коска го обезбедија осминафиналето, а на рака им одеше ремито без голови на Јапонија и Грција. И повторно во ситуација кога 3 селекции негуваа надежи за нок-аут фазата, африканската репрезентација беше во преден план.Иако за нив важеше митот дека се брзи, одлично физички подготвени , дека имаат ѕвезди од рангот на Дрогба, Жервињо,браќата Туре се покажа дека и по двата претходни неуспешни настапа на миндијалите не ја научиле лекцијата.

Во решавачкиот меч од третото коло откако стана јасно дека Колумбија нема да калкулира и со 4-1 ја декласира јапонија, на Слоновите им беше доволно и реми за прогрес во осминафиналето и го имаа се до судиското продолжение. Да беа подисциплинирани и да искористеа уште некоја од шансите во финишот против Грција веројатно немаше да се доведат во ситуација со глупост да се простат од мундијалот. Стартот на Сио во шеснаесетникот на минута до крајот на судиското надополнување и голот на Самарас ја одведоа Грција на второто место зад неприкосновената Колумбија, слоновите си заминаа дома, а Ламуши на биро за вработување. И по којзнае кој пат една од најпопуларните африкански селекции потврди дека многу ѕвезди не прават соѕвездие, дека дисциплината во играта и колективниот пристап се главните причини за уште еден неуспех, без притоа да се намалува резултатот на грчката репрезентација.

Критикувани дека повеќе мислат на својот отколку на противничкиот гол, дека се антипропаганда на фудбалската игра, Грците сепак покажаа дека знаат кога е најпотербно. Против Брегот имаа и малку среќа со пеналот во финишот, но во 90-те минути и пред и по водството со голот на Самарис покажаа дека знаат да одиграат  офанзивно и да креираат шанси пред противничкиот гол. Ако целта ги оправдува средствата тогаш Грција и повеќе од заслужено е меѓу 16-те најдобри.

Јапонија е најмалку споменувана.Дојдоа тивко така и заминаа. Се покажа дека покрак борбеноста , упорноста и искуството на Закерони, сепак уште нешто им недостасува за поголем исчекор.

На прагот сме на осминафиналето. Одново не се фаворити, но Колумбија ќе игра со разнишаниот Уругвај по суспензијата на Суарез, а Грција како и секогаш непредвидлива оди на хитот на првенството Костарика.