Здравство

НЗ „Храбро срце“ со остра реакција за случувањата на Кардиохирургија

04.06.2024 10:30

Националното здружение „Храбро срце“ со остра реакција за растурањето на тимот за срцеви трансплантации на Државна кардиохирургија. Овој потег ја става во колапс целата програма за срцеви трансплантации во земјава. Апелираат до идната влада веднаш да отпочне со длабоки реформи во државното здравство, инфраструктурно подобрување на условите и вложување во современа опрема …

НЗ „Храбро срце“, најостро ги осудува случувањата на државната Клиника за кардиохирургија. Растурањето на тимот, предвременото раскинување на договорот со националниот лидер ја става во колапс целата програма за срцеви трансплантации во земјава.

Со ваквите чести смени на министри, директори и останати кадри се прави ненадоместлива штета на пациентите, кои чекаат шанса за продолжување на животот.

„Постојано се трудиме да дојдеме до она што за нас живот значи до трансплантација и одеднаш да видите дека некој само поради личен хир разрешил еден цел тим којшто ги води трансплантациите. Практично во македонското здравство во областа на кардиохирургијата е во колапс. Ќе трпиме тие коишто сме најзагрозени пациенти а ќе трпат и сите граѓани“, вели Васко Јолески претседател на НЗ „Храбро срце“.

Честата промена на кадри на државната клиника е обид за покривање на неспособноста од надлежните власти за одржување и обновување на државното здравство, обвинуваат од „Храбро срце“.

„Не се согласуваме дека не се добри услугите во Државната кардиохирургија напротив секогаш сме биле добро опслужени, прифатени и имаме само пофални зборови за докторите. Имаме критики кон оние коишто треба да го водат здравството оние коишто внесуваат доза на политика во здравствената гранка“, додава Јолески.

Најранливите пациенти со вградена механичка циркулаторна потпора на срце апелираат до идната влада веднаш да отпочне со длабоки реформи во државното здравство, инфраструктурно подобрување на условите и вложување во современа опрема.

 

Соња Рилковска