Лога со писмо до амбасадите известил дека се подготвува „упад“ во правосудниот систем
Министерот за правда Кренар Лога испрати писмо до Брисел, Вашингтон и амбасадите - загрижен е дека се подготвуваат закони за распуштање на Судскиот совет и Советот на Јавни обвинители...

Министерот за правда Кренар Лога испратил писма до Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, до амбасадите на САД, Германија, Франција, Холандија и Белгија, до мисијата на ОБСЕ во Скопје, Програмската Канцеларија на Советот на Европа во Скопје, до Стејт Департментот преку Амбасадата на САД во РСМ и до Европската Комисија во Брисел, во кое изразува загриженост за најавите на парламентарното мнозинство дека подготвуваат пакет закони со кои ќе се распуштат двете уставни и независни категории-Судскиот совет и Советот на јавните обвинители, соопштија од Министерството за правда.
Во писмото, Лога изразува загриженост за „упад“, кој се подготвува од парламентарното мнозинство во правосудниот систем.
-Паралелно со најавите за реформа на органите на управата и реорганизација на министерствата, владејачкото мнозинство соопшти дека подготвува и пакет закони со кои ќе се распуштат двете уставни и независни категории – Судскиот совет и Советот на јавните обвинители. Изјавите од партиски функционери за мене лично и за Министерството за правда се неприфатливи и недозволиви не заради одбрана на поединци во овие органи, туку за независноста и непристрасноста на овие институции за кои имаме добиено извештај од Оценската мисија каде точно е наведено што треба да се преземе од страна на органите на државата за подобрување на состојбите во судството, се вели во писмото.
Во писмото до амбасадорите, Лога вели дека за него и за Министерството за правда распуштањето на овие тела е неприфатливо за независноста и непристрасноста на институциите, за што е добиен извештај од Оценската мисија во кој е наведено што треба да се преземе од страна на органите на државата за подобрување на состојбите во судството.
„Иако како министер за правда минатата година кога се случија настаните во Судскиот совет, јавно излегов со став за престанок на мандатот на членовите за кој не добив поддршка од коалиционите партнери ниту од опозициските партии, а исто така и по одржани консултации со Ваши претставници, ми беше сугерирано дека Оценската мисија ќе ја скенира состојбата во Судскиот совет и ќе даде препораки за надминување на состојбите, за што добивме и Извештај. Препораките од Извештајот со особено внимание беа разгледани од највисоките претставници на правосудната, академската и стручната фела, како и граѓанскиот сектор и останатите засегнати страни. Дотолку повеќе, што овие препораки се дел од најзначајните документи, како што се: Стратегијата за развој на правосудниот сектор, Патоказот за владеење на правото, како и Планот за раст. Дополнително, беше формирана работна група за законски реформи на Судскиот совет каде во повеќе наврати беа поканети претставници на тогашната опозициска партија и сегашен носител на владејачкото мнозинство, ВМРО ДПМНЕ, на што не добивме повратен одговор“, додава Лога во писмото.
