Војната во Украина добива засилен тек
Германскиот канцелар Шолц оцени дека употребата на европско или американско оружје на руска територија нема да доведе до ескалација на војната. Русија предупреди на радикален одговор, истрела и проектили бастион врз Дњепар и Харков. Кризата во Украина со повеќето војни во светот се одразува врз економијата, загрозено е движењето на пазарот на трудот, велат во Обединетите нации. Шатл дипломатија низ планетава на светските челници во пресрет на мировниот самит за Украина во Швајцарија на 15-ти и 16-ти јуни...

Како што напредува руската офанзива во приградските населби на Харков, но и на Дњепар, се зголемува бројот на украинските бегалци. Во еден ден 15 илјади очајници од ужасот на војната, што трае речиси две и пол години ја преминаа унгарската граница. Оние што ја немаа среќата со километри да се оддалечат од секојдневните руски канонади, сместени се во училишта приспособени во бегалски кампови.
„Сакам да си одам дома, навистина сакам. Таму бев сиот мој живот, сега изгубив се. Куќата, дури и гробиштата на моите најмили, бидејќи и гробиштата беа гранатирани. Се е изгорено. Занемена сум, не може да се објасни“, изјави Олена, раселена од Вовчанск.
„Кога гранатите почнаа да паѓаат во соседството, не можевме да издржиме. Ги спакувавме работите среде ноќ и побегнавме со соседите кои имаа автомобил. Дојдовме тука само со еден куфер. Без перници, ќебиња или кревети“, изјавија Раиса и Анатолиј раселени од Вовчанск.
„Засега воопшто не можете да се вратите дома. Премногу е опасно. Продолжува евакуацијата од Вовчанск сè додека сите не бидат извлечени оттаму“, изјави Алина Алисова-координаторка на хуманитарниот центар.
Украинската војска повеќе од седмица возвраќа со оружје од европско или американско производство. Иако рускиот претседател Путин ги предупреди Брисел и Вашингтон за радикален одговор, канцеларот Шолц смета дека употребата на германското оружје нема да доведе од ескалација на војната. Киев тврди дека со американските проектили Химарс уништил ракетна батерија с-300 или с-400 во близина на Белгород, на руска територија.
Последици на светскиот пазар на трудот
Војната во Украина и неколкуте конфликти на Блискиот Исток, во Африка или Хаити предизвикаа несогледливи последици на светскиот пазар на трудот. Кризите се напластуваат една по друга, во Женева заседание на Обединетите нации.
„Геополитичките тензии не се смируваат, се засилуваат. Војните и конфликтите во светот направија многу малку да се зборува за човечноста, поточно за мултилатерализмот“, рече Жилберт Хоунгбо-генерален директор на Меѓународната организација на трудот.
Глобалната асиметрична закана по безбедноста во светот ја засили и дипломатијата на светските сили. Лавров е во Гвинеја, Остин во Камбоџа. На мировната конференција за Украина во Швајцарија, во средината на јуни не е поканета Русија, додека Зеленски го обвини Пекинг за бојкотирање на самитот.
Зоран Богатинов
