Интересот за патување е намален, аранжманите поскапени
За некои од граѓаните одморот е луксуз што не можат да си го дозволат, бидејќи сè уште ја чувствуваат економската криза. Се откажуваат резервациите, бидејќи немаат пасош со новото име на државата...

Поскапи аранжмани за патување од 15 отсто и повеќе ова лето. Ако на едно четиричлено семејство му биле потребни 2.000 евра за летен одмор, оваа година ќе му бидат потребни 3.000 евра. Интересот за патување е намален-велат од туристичките агенции.
За некои од граѓаните одморот е луксуз што не можат да си го дозволат, бидејќи сè уште ја чувствуваат економската криза. За други пак, одморот е можност за бегство од секојдневните грижи и проблеми.
Не е мал бројот на оние кои ги откажуваат резервациите, бидејќи немаат пасош со новото име на државата. Ова претставува проблем и за граѓаните, кои испланирале патување пред да го добијат новиот пасош, но и за туристичките агенции.
Политичката ситуација, изборите се рефлектираат и на туризмот-вели претседателот на Угостителско-туристичката комора Аркан Керим.
Големиот интерес за патување влијае на високите цени на аранжманите, кои допрва ќе растат-објаснува тој.
Грција, Албанија, Црна Гора, Хрватска, Турција, Египет, Тунис се најбараните дестинации за ова лето. 75 отсто патуваат во сопствена режија и сами резервираат хотелски сместувања и авиобилети. Околу 40 милиони евра македонските граѓани потрошиле на букинг – вели Керим.
Александра Велинова
