Вишеградските држави - најдобриот пријател на Македонија во ЕУ и НАТО
Освен нови перспективи и проекти за регионална соработка, В4 од годинава располага и со фонд за Западен Балкан вреден 400.000 евра...
Владите од Вишеградските држави се најдобриот пријател на Македонија во ЕУ и НАТО и се вашиот најголем поддржувач од 60 милиони граѓани, заеднички, а не одделно порача амбасадорот на Унгарија во земјава, Јозеф Бенце. Тој симболично, со врачување штафета, му го примопредаде претседателството со Вишеградската група на својот словачки колега Мартин Безак.
„Унгарската поддршка за Македонија во континуитет е стабилна и констатнтна, а се реализира во секоја прилика, не само институционално, туку и на најразлични средби, конференции. Унгарскиот став е познат паралелно решавање на спорот за името и почеток на преговори со Унијата“, рече Јозеф Бенце амбасадор на Унгарија во Македонија.
И Словачкиот амбасадор Безак ја потврди заложбата на В4 за побрзо евро-атлантско интегрирање на Западниот Балкан.
„Приоритет следниве 12 месеци ќе биде продолжувањето на политичкиот дијалог со земјите од Западен Балкан. Ќе продолжиме да ја поддржувамеа политиката на отворени врати на ЕУ и секоја земја чија цел е приклучување кон Унијата и НАТО“, изјави Мартин Безак, амбасадор на Словачка во Македонија.
Освен нови перспективи и проекти за регионална соработка, В4 од годинава располага и со фонд за Западен Балкан вреден 400.000 евра. За две децении, како што рекоа Бенце и Безак, В4 стана симбол за успешна регионална соработка во Централна Европа, бренд со влијание во ЕУ и пошироко.
Лидија Чакар
