Зголемен бројот на странски туристи, пофалби за цените, критики за хигиената
За странците Македонија е и атрактивна и евтина, ама и многу валкана. Бројката на посетители расте, но се провлекуваат истите проблеми постојано, лошата инфраструктура и хигиената...

Музеите, Старата скопска чаршија, Матка, Милениумскиот крст, како и туристичките дестинации покрај езерата, најатрактивни за странските гости. Туристите најмногу престојуваат во Скопје, ама во текот на денот не можат да посетат се, оти музеите, чија цена е 150 денари за странци, работат само до 17 часот, велат туристичките работници.
Странските гости се задоволни и од аеродромските услуги, а најголемите критики се упатени на катастрофалните патишта и на хигиената, која е на многу ниско ниво.
Највисоки се оценките за безбедноста во капацитетите, додека услугите, хигиената на плажите се оценуваат послабо.
Турист нема да биде турист ако не ја посети Старата скопска чаршија и ако не се почести со 10-ка со кромид. Македонската традиција, велат од секторот туризам, далеку се слуша и токму затоа се повеќе странци сакаат да дојдат кај нас.
Според Државната статистика, во март годинава Македонија ја посетиле близу 59.000 туристи, од кои дури 68,7% странски. Најмногу доаѓаат од Турција 6.600 и Грција 5.300. Од Србија земјава ја посетиле 3.800 и Бугарија 3.400 туристи. Сме имале и гости од Германија, околу 1.900.
За споредба, во периодот јануари-март 2024, во однос на истиот период лани, бројот на туристите е зголемен за 14.4%.
Борис Грујоски
