Туристичка атракција: Голем интерес за чартер бродот Охрид- Поградец
Уште една авантура за туристите, како дел од се поатрактивната понуда на Охрид. Бродската линија до албанскиот град Поградец уште на првиот ден ги изненади и бродарите. Големиот интерес покажа дека туризмот е динамична дејност која се помалку значи само песочна плажа...

Уште една голема атракција во Охрид ова лето. Заплови првиот чартер – брод Охрид-Поградец. Интересот за оваа нова авантура е голем, што ги изненади и бродарите.
„Малку сме неорганизирани, агенциите сеуште не се информирани, а интересот е огромен“, вели Зоран Гилески, капетан на бродот „Александрија“.
Странските туристи со нетрпение го очекуваа тргнувањето, бидеќи за прв пат како што рекоа, од брод ќе можат да ги видат убавините и на албанскиот дел од езерото.
„Воодушевени сме, не би се осудиле да одиме сами со возило, но вака со брод ни се отвори таква можност и еве тргнуваме... Ова за мене е добра можност да ја посетам Албанија и очекувам дека ќе биде интересно и возбудливо патување“, велат случајно анкетираните туристи од Србија и САД.
Новата бродска линија е привлечна и за македонските туристи.
„Ова требаше уште од порано да се случи, но фала му на господ што се случи, време беше“, вели туристка од Македонија.
Нема дилема дека бродската линија ќе биде уште една значајна алка во севкупната понуда на Охрид.
Тоа е особено важно за странските туристи кои додека се во овој регион, секој ден сакаат да видат нешто ново. На овој начин македонскиот туристички бисер може да биде поконкурентен на европскиот туристички пазар.
Сашо Нелоски
