Мандатот кај Мицкоски најверојатно в четврток
Порано од предвиденото, вака претседателката Сиљановска-Давкова најави за врачување на мандатот на новата Влада. В четврток ќе се случи церемонијата и тогаш ќе бидат јасни предлозите за министри за новиот кабинет.

Се очекува в четврток претседателката Гордана Сиљановска-Давковка да го врачи мандатот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за формирање на новата Влада – брифираат за МТВ извори од партијата. Шефицата на државата ги отфрли обвинувањата од коалицијата Европски фронт за мајоризација и порача на ДУИ дека е здраво да се во опозиција.
Арбен Таравари потврди дека ќе биде министер за здравство во новата Влада. Вели дека преговорите за главните точки од владината програма финишираат и најави дека конечен договор ќе биде постигнат деновиве. Таравари убеден оти новата Влада ќе ги почне и заврши преговорите за влез на Македонија во Европската унија.
Од ДУИ убедени дека тие ја имаат поддршката од граѓаните, а коалицијата Вреди е нелегитимен претставник на Албанците. Потпретседателот на ДУИ, Адеми обвинува дека има обиди да се уништи постигнатото со Рамковниот договор.
Од ВМРО-ДПМНЕ не откриваат кој ќе ги предводи ресорите во новата Влада. За кадровските решенија сè уште се разговара во највисоките партиски тела, вели потпретседателот Муцунски.
Најавите за ново вето од Атина повеќе служат во изборната кампања, отколку за постигнување каков било напредок во однос на различните толкувања на одредени права и обврска од Договорот од Преспа, оцени Муцунски додека претседателката Сиљановска-Давкова не сакаше да ги коментира изјавите на Мицотакис, кратко посочи дека овие закани не се во духот на развивање на пријателските односи.
Викторија Милевска
