Судијата Дарко Костадиновски е новиот претседател на Уставниот суд
По десет круга гласање, судијата Дарко Костадиновски е избран за нов претседател на Уставниот суд. Тој ќе ја замени Добрила Кацарска, чиј тригодишен мандат истече на 2-ри јуни. Претходно, во трката за прв човек на Уставен беа судијките Ана Павловска-Данева и Татјана Васиќ-Бозаџиева, како и судијата Осман Кадриу, меѓутоа никој од нив не ги обезбеди потребните две третини од гласовите на колегите за да раководи со институцијата.

По девет неуспешни, во десетиот изборен круг уставните судии го избраа Дарко Костадиновски за прв меѓу еднаквите – во наредните три години да раководи со судот. Тој ја обезбедил неопходната двотретинска поддршка, односно за него гласале најмалку шестмина од девет судии. Доаѓа на местото на Добрила Кацарска, чиј претседателски мандат истече на 2-ри јуни.
Костадиновски стана уставен судија во 2018-тата. Во судот влезе како предлог на поранешниот претседател Ѓорге Иванов кому му беше советник за надворешна политика. Претходно соработуваше и со претседателите Борис Трајковски и Бранко Црвенковски. Костадиновски е доктор на правни науки од областа на меѓународното право, а во својата кариера има објавувано повеќе научни трудови од областа на меѓународната арбитража.
Анита Димитријевска – Велковска
