Борби во Газа, во исчекување договор за примирије
Додека се чекаат официјалните одговори од Израел и Хамас на американскиот предлог за примирје, Хамас категоричен дека нема да прифати никаков договор кој не вклучува траен прекин на огнот и сеопфатно израелско повлекување од Појасот Газа...

Девет израелски војници се повредени во експлозија во база во јужен Израел-соопшти израелската одбрана додека војската ги продолжува операциите во камповите Буреиџ и Магази во центарот на Газа. И додека се чекаат официјалните одговори од Израел и Хамас на американскиот предлог за примирје, Хамас категоричен дека нема да прифати никаков договор кој не вклучува траен прекин на огнот и сеопфатно израелско повлекување од Појасот Газа.
„Ционистичкиот ентитет нема поднесено предлог, туку приговор на предлогот на посредниците, отфрлајќи ги трајниот прекин на огнот и сеопфатното повлекување од Газа. Затоа, чекаме јасна израелска позиција по ова прашање“, изјави Осама Хамдан, висок функционер на Хамас.
Дипломатските напори на сад продолжуваат. Велат-ако Хамас навистина ги застапува интересите на палестинскиот народ тие ќе го прифатат договорот.
„Убедени сме дека Израел е подготвен да го спроведе овој договор, тоа е нивен предлог и речиси идентичен на она што Хамас го бара. Ако тие навистина ги застапуваат интересите на палестинскиот народ, како што постојано велат, без сомнение ќе го прифатат овој договор“, изјави Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.
Нетанјаху повторно го свика воениот кабинет наспроти посетата на шефот на ЦИА и висок функционер на Белата куќа во Доха и Каиро. Во меѓувреме, Словенија стана 147-та земја членка што ја призна палестинската државност.
