Образование

ДИЦ ги зајакнува контролите пред саботното полагање на вториот предмет од државната матура

05.06.2024 14:03

В сабота се полага вториот екстерен испит од државната матура. Прашањето е како да се спречи препишување, откако првиот тест по мајчин јазик се појави во вибер-група со илјадници средношколци...

Не бил пробиен тестот по македонски јазик, туку матурант го фотографирал и го објавил во вибер-група. Државниот испитен центар проверува кој се препишувал на тестирањето за првиот задолжителен предмет. Биле фатени неколку ученици кои користеле телефон и за нив и за тие кои препишувале казните се исти. Го паѓаат тестот и ќе го полагаат во августовскиот рок. За тестаторите пак, кои им дозволиле на учениците да препишуваат, нема реперкусии.

Пред саботното полагање ДИЦ ги зајакнува контролите. Очекуваат новиот модел на тестирање да ги намали обидите за препишување.

Од ВМРО-ДПМНЕ критикуваат дека одговорните не успеваат да ја спроведат матурата, но сметаат дека одговорноста е кај учениците. Весна Јаневска од Комисијата за образование со апел до матурантите да учат за знаење и да не ризикуваат со препишување да ја уништат иднината.

Дел од планираните реформи во образованието ќе ја опфатат и матурата. Ќе има пробно тестирање и зајакнување на капацитетот на ДИЦ, вели Јаневска.

Лани беа фатени над 3.000 матуранти како препишуваат на тестот по англиски јазик.

 

Викторија Милевска