Почна со работа ветерниот парк „Богословец“ кај Свети Николе
Со отворање на инсталацијата на ветерниот парк „Богословец“ Општина Свети Николе, делегацијата на Европската унија во Македонија го одбележува Светскиот ден на животната средина. После ветерниот парк „Богданци“, „Богословец“ е втор ветерен парк во државава …

На локалитетот „Богословец“ близу Свети Николе пред три години почна инсталацијата на осум ветерни турбини со капацитет од 36 MW. Пред една година почна и пробната работа, а од денес ветерниот парк е пуштен во употреба. Се очекува тој да придонесе емисиите на јаглерод диоксид да се намалат за 80 илјади тони годишно и да обезбедува енергија за околу 20 илјади домаќинства.
„Европската унија ги помага вложувањата во обновливи извори на енергија на многу начини, од 2022 преку нашиот економски инвестициски план, вложивме близу 70 милиони евра во проекти за чиста енергија, меѓу кои е и ветерниот парк во Богданци, паркот на фотоволтаици во Битола и Осломеј и во рехабилитација на шест хидроцентрали. Очекуваме до 2030 година производство на 957 мегавати од обновливи извори на енергија“, изјави Дејвид Гир, амбасадор на ЕУ во Македонија.
Ова е прв приватен проект за ветерен парк во државата и втор по ветерниот парк „Богданци“. Двата се дел од проектот „Зелена транзиција“ чија цел е да го подигне националниот капацитет за обновливи извори.
„Се надевам дека ќе има доволно ветар и сигурен сум дека жителите на Северна Македонија ќе бидат среќни што ќе користат чиста енергија со добра цена, за разлика од скапата енергија која ја имавме за време на енергетската криза. Ове е и голем чекор за локалната економија“, изјави Ото Граф, заменик амбасадор на Германија.
Инвестицијата чини 61 милиони евра, а инвеститорите веќе планираат за една година да почнат со втор дел од овој проект во истиот регион.
Славица Величковска
