Политика

Утре напладне Давкова ќе му го врачи мандатот на Мицкоски

05.06.2024 19:03

Мицкоски утре добива мандат за состав на новата Влада. ВМРО-ДПМНЕ ги поднесе законските измени за реорганизација на државната управа, побарана поддршка од сите пратеници. Преговорите со „Вреди“ и ЗНАМ на самиот крај...

Законската интервенција со која ќе се прекројуваат дел од министерствата влезе во собраниска процедура. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ предлага по скратена постапка да се усвои Законот со кој Министерството за економија треба да го интегрира и ресорот Труд, а Социјална политика да се прошири со демографија и млади. Реорганизацијата креира нови министерства – за спорт, и за енергетика, рударство и минерални суровини. Треба да се надгради она за Дигитална трансформација и администрација, а Култура ќе ја опфати и туристичката дејност. Идниот мандатар Христијан Мицкоски за оваа реформа која бара двотретинска поддршка бара амин од сите пратеници. Текстот в петок ќе се разгледа на пленарна седница.

Програмата со списокот на министри и заменици до законодавниот дом ќе ги достави наскоро.

Идната владејачка коалиција планира со законски измени да ја укине техничката влада, но и да го смени Законот за локална самоуправа кој го регулира прашањето за миграција на функционери од локална во извршна власт.

По најавите на грчкиот премиер Мицотакис дека за случувањата во земјава ќе зборува на Самитот на НАТО, Мицкоски одговори дека не очекува талибанско однесување и цензурирање на основното човеково право, но дека е подготвен да разговара за тоа колку која држава имплементирала од Преспанскиот договор.

 

Анита Димитријевска – Велковска