Се шири дипломатската мрежа, потребни се квалитетни кадри во премиерскиот кабинет
Ќе се отвора 39– та амбасада. Огласот за изборот на првиот дипломат во Бразил е отворен од денес...

Македонската дипломатска мрежа се проширува. Ќе се отвора 39– та амбасада. Огласот за изборот на првиот дипломат во Бразил е отворен од денес.
„Ја користиме оваа прилика да ги повикаме сите кандидати кои ги исполнуваат условите и кои поседуваат квалитет и способност, да аплицираат за оваа позиција“, рече портпаролот на Владата, Александар Ѓеорѓиев.
До 14 јули ќе трае и јавниот повик за избор на кандидати за раководни и други позиции во премиерскиот кабинет, и тоа за 5 области- странски инвестиции, поддршка на домашната економија, протокол, право и човечки ресурси.
Условите - високо образовани со минимум 8,5 просек на домашните универзитети и познавање на англискиот јазик или диплома од некој од 100- те прворангирани светски универзитети. Задолжително и професионално искуство, од 3 до 10 години, зависно од областа.
Аплицирањето е по електронски пат. Бројот на новоангажираните во премиерскиот кабинет ќе зависи од интересот и квалитетот на доставените пријави.
„Цениме дека со ангажман на најспособните, најквалитетните кадри кои ги поседува Република Македонија, ефектите од спроведувањето на програмата и од реализацијата на владините политики ќе го добијат полниот ефект, онака како што го замислуваат и граѓаните, во функција на постигнување што поголема корист за самите граѓани“, додаде Ѓеоргиев.
Владата ќе ангажира и советници за 13 позициии, меѓу кои и за ЕУ, надворешна политика, култура, животна средина, земјоделие, енергетика, информатика и телекомуникации, правосудство.
Виолета Димовска
