Блиски Исток

Зоврива на Блискиот Исток, растат натегањата околу мировниот предлог

05.06.2024 15:47

Вашингтон го чека Хамас, Хамас го чека Израел. Тактизирања за предлогот за прекин на огнот во Газа. Палестинската милитантна група е децидна – нема договор сè додека Тел Авив целосно не се повлече од Појасот. Во меѓувреме, нападната е американската амбасада во Бејрут...

Зоврива состојбата на Блискиот Исток, од безбедносните закани не се поштедени ниту дипломатските претставништва. Либанската полиција во престрелка застрела и уапси напаѓач пред американската амбасада во Бејрут, станува збор за азилант од сириско потекло. Пред амбасадата е распоредена либанската војска.

„Слушнавме истрели, 15 до 20 рафали. Поитавме да видиме што се случува, одеднаш армијата не запре. Рекоа дека некој стрела кон амбасадата“, рече Џое Абдо, очевидец.

Од претставништвото известија дека нема повредени меѓу вработените. Ова не е првпат да биде нападната американска амбасада, пред 40-на години бомбашки напад организиран од проирански Хезболах усмрти 63-ца.

По Бејрут, Нетанјаху на границата најави засилени воени активности на северот од земјата. 

„Секој што планира да ни наштети и мисли дека ќе стоиме по страна, прави голема грешка. Подготвени сме за силна акција на северот“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Во тек се и натегањата меѓу Израел и Хамас, кои услови од мировниот предлог да се прифатат. Вашингтон притиска на мировно решение во пресрет на претседателските избори.

„Убедени сме дека Израел е подготвен да го спроведе овој договор, тоа е нивен предлог и речиси идентичен на тоа што Хамас го бара. Ако тие навистина ги застапуваат интересите на палестинскиот народ без сомнение ќе го прифатат овој договор“, изјави Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.

Висок службеник во американското воено разузнавање поднесе оставка поради, како што вели, поддршката на убиствата и гладувањето на Палестинците.

„Ако сте загрижен за израелските животи, тогаш водете ја борбата на начин со кој нема да го свртите целиот свет против Израел“, вели Харисон Мен, пензиониран мајор на САД.

Воената разузнавачка агенција ја потврди оставката, според нив тоа било рутина. Досега шестмина американски високи службеници поднесоа оставки поради поддршката на Израел, Мен е првиот од военоразузнавачката заедница.

 

Зоран Богатинов