Витановски: Палевски даде исказ, негира поврзаност со кривичното дело
Палевски денеска на распит во Обвинителството негирал каква било поврзаност со убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски и во своја одбрана посочил докази кои дополнително ќе бидат доставени, информираше адвокатот Марјан Витановски...

Повеќе од седум часа траеше распитот во Обвинителството на Љупчо Палевски-Палчо, првоосомничениот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
Палевски денеска на распит во Обвинителството негирал каква било поврзаност со убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски и во своја одбрана посочил докази кои дополнително ќе бидат доставени, информираше адвокатот Марјан Витановски.
Како причини поради кои е посочен како обвинет во постапката навел дека се работи за претходни непријателства, па дури и како што рече Витановски, некакви политички недоразбирања со определени претставници од власта.
„Обвинетиот даде исказ пред Обвинителството, во целост негира конкретна поврзаност со кривичното дело, негира поврзаност со обвинетите по кој било основ, негира постоење на каков било договор за сторување на ова кривично дело, тврди дека не е виновен и дека не презел ниту едно дејствие како што е наведено во наредбата за негово спроведување на истрага. Даде одбрана посочувајќи факти и определени докази кои дополнително ќе ги доставиме. Не знаеме со какви докази располага обвинителството, бидејќи до оваа фаза на постапка немавме ниту можност да извршиме увид. Засега остануваме на тоа и на неговото тврдење дека воопшто не е сторител на кривичното дело. Причиите поради кои е посочен како обвинител во оваа постапка посочи дека се работи за некои претходни непријателства, па дури и некакви политички недоразбирања со определени претставници од власта, изјави Витановски, адвокат.
Палевски минатата година на 6 декември беше уапсен во Баликесир, Турција, а во отсуство му беше одреден 30-дневен притвор. Тој на 15 мај беше екстрадиран од Турција и спроведен во Истражниот затвор Шутка, а на 21 мај беше изведен пред судија на претходна постапка.
