ЕУ

Почна изборот за новиот состав на Европарламентот

06.06.2024 10:06

Почнаа изборите за членови на Европскиот парламент. Отворени гласачките места во Холандија. Околу 370 милиони граѓани на земјите-членки на ЕУ имаат право на глас за новиот состав на Европскиот парламент...

Со отворање на гласачите места во Холандија почнаа изборите за членовите на новиот Европски Парламент. Околу 370 милиони граѓани на земјите-членки на ЕУ имаат право да го дадат својот глас до недела.

„Дојдов да го искористам моето право на глас како Европеец. Тоа е важно бидејќи во денешно време се повеќе се носат одлуки од Брисел. Затоа мислам дека е важно да се слушне мојот глас“.

Согласно последните измени, бројот на европратеници се зголемува од досегашните 705 на 720. Според европските правила, изборните системи по кои се бираат европратениците мора да обезбедат пропорционална застапеност, изборните модели се разликуваат од земја до земја. Анкетите на јавното мислење покажуваа дека најмногу европратеници би освоила десноцентристичката група на демохристијански и умерени конзервативни партии, Европска народна партија, пред Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите и неколку левоцентристички, прогресивни и левичарски партии кои не се членки на ниту една европска партиска групација. По исклучувањето од ИД на Алтернативата за Германија веќе има најави за прегрупирање меѓу партиите на десницата.

„ Јас сум Еврејка и сум многу загрижена за овој тренд на антисемитизам, особено на универзитетите. Се надевам дека умерените и прогресивните сили ќе одат напред“, Лорета Калиендо, изјави поддржувач на италијанската Демократска партија.

„Многу пати ги слушам партиите од левицата како велат дека не треба да се инвестира во одбраната затоа што тоа е за поттикнување војна и мислам дека е токму спротивното. Нема мир без рамнотежа меѓу воените сили на светските сили“, изјави Васко Салвадо, Поддржувач на „Чега“.

„Не очекуваме големи промени кога станува збор за тоа кој ќе управува со Европскиот парламент. Но, во секој случај, ќе видиме поместување надесно, а може да се појават некои интересни сценарија кои ќе ја направат победничката партија, која се очекува да биде Европската народна партија, потешка за управување од она што беше во изминатите пет години. Мислам дека ќе има поместување надесно. Значи, прашањето е, колку е голема?“, изјави Марија Демерцис, виш соработник во Бригел.

Гласањето продолжува утре во Ирска и Чешка. Во сабота евроизборите ќе се одржат во Летонија, Малта, Словачка и во француските прекуморски департмани и територии, а в недела во Италија. Во останатите 20 членки на ЕУ, вклучително и во европскиот дел на Франција, изборите ќе се одржат в недела на 9-ти јуни. Најголем број европратеници се избираат во Германија, а најмалку во Луксембург и Малта.

 

Бојана Крстевски