Украина

Војната во Украина се поинтензитивна

06.06.2024 12:48

Над 500 украински деца загинаа од почетокот на војната, 1.400 останаа со трајни повреди по руските напади. Североистокот на земјата е на удар на проектилите, на кои Киев возвраќа во пограничните руски градови со американско и германско оружје. Шефот на Кремљ Путин смета дека односите на релација Берлин-Москва отидоа в неврат. При првата појава во јавноста по обидот за атентат, словачкиот премиер Фицо оцени-сите различни ставови од Брисел и Вашингтон за Украина ја усложнуваат политичката состојба во европските земји...

Расте бројот на жртвите од војната во Украина. На денот на сеќавањето на децата кои загинаа во градот суми на северозападот од земјата, жителите се навраќаат на фаталните руски напади.

„Требаше да го напуштат градот, немаа време за тоа, затоа останаа засекогаш“, изјави Олха Пахок-работничка во Организација за заштита на децата.

„33 деца претрпеа повреди и контузии од почетокот на агресијата, има и деца што ги загубија екстремитетите, има и со полесни повреди“, изјави Јуриј Калиновскиј-шеф на регионалната служба на Организација на децата.

Војната и руските напади продолжуваат со несмалено темпо. Ова се смета за руски одговор на американската и германската дозвола за употреба на нивно оружје врз руските погранични цели. И онака во застој поради агресијата во Украина, односите меѓу Москва и Берлин се на работ на целосниот прекин.

„Снабдувањето оружје во воените зони е секогаш лоша работа. Особено поради фактот дека тие што ги испорачуваат, и управуваат со нив. По германските тенкови, сега и германски проектили погодуваат цели на руска територија. Со ова докрај се уништуваат руско-германските односи“, изјави Владимир Путин-претседател на Руската федерација.

Шефот на руската дипломатија веќе предупреди на француските воени инструктори кои работат во Украина. Платеници или не, тие се легитимни цели на руската војска, вели лавров. Што се однесува до руските загуби, Путин смета дека се неколкукратно помали од украинските кои достигнуваат и до 50 илјади луѓе месечно.

Барабаните на војната одекнуваат и во соседните земји. Во Словачка, по обидот за атентат, во јавноста првпат се појави словачкиот премиер Фицо. Секој што не се поистоветува со меѓународната политика автоматски е прогласен за руски агент со што се усложнува состојбата во европските земји, оцени Фицо.

„Состојбата меѓу моите политички ставови и партнерите во Европската унија и НАТО ескалираше по рускиот напад, кога одбивме да ја снабдуваме Украина со воена помош од државните резерви, освен ако не е хуманитарна. Во основа го претполагаме мирот пред војната“, рече Роберт Фицо-премиер на Словачка.

Војната во Украина е водечка тема во дебатите на политичарите кои се кандидираат на јунските европски избори.

 

Зоран Богатинов