Драмски театар на 58. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп
Со претставата „Хеда Габлер“ на Драмски театар Скопје утревечер се отвора 58-от Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. Претставата ќе биде изведена во Центарот за култура „Марко Цепенков“ како прва од единаесетте претстави во продукција на националните театри селектирани во натпреварувачката фестивалска програма...

Со претставата „Хеда Габлер“ на Драмски театар Скопје утревечер се отвора 58-от Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.
Претставата ќе биде изведена во Центарот за култура „Марко Цепенков“ како прва од единаесетте претстави во продукција на националните театри селектирани во натпреварувачката фестивалска програма. Добитници на наградата за животно дело се актерите Мими Таневска-Србиновска и Јордан Витанов. Наградата ќе им биде врачена на отворањето на Фестивалот.
Мотото на 58. МТФ „Војдан Чернодрински“, што ќе се одржи од 7-ми до 14-ти јуни во Прилеп е „Промени се, промени сè“.
„Ново читање“ е именувана програмата на уметничкиот директор Ана Стојаноска, која на претставувањето на годинешнава програма го појасни концептот „Ново читање“ ги опфаќа двете потпрограми: „Новото читање на драмите од авторот во фокус – Горан Стефановски“ и „Ново читање на класиците“.
„Хеда Габлер“ работена по текст на авторот Хенрик Ибзен е новата претстава во продукција на Драмски театар Скопје. Режисер на претставата е Васил Христов, адаптацијата е на Викторија Рангелова – Петровска и Васил Христов. Сценограф на претставата е Васил Христов и костимите се на костимографката Розе Трајчевска – Ристоска.
Улогите ги играат актерите на Драмски театар Скопје: Хеда Габлер Тесман-Сања Арсовска, Судијата Брак-Зоран Љутков, Јерген Тесман-Владимир Петровиќ, Ејлерт Левборг-Дениз Абдула и ликовите на Госпоѓа Елвстед и Јулијана Тесман ги игра Сара Климоска.
Во недела на 9-ти јуни во фестивалската програма е посветена на Горан Стефановски. Именувана како „Авторот во фокус“ програмата ќе ја реализираат истакнати театарски работници и ќе ги презентираат своите исчитувања и ќе говорат за колективната обврска да го зачувуваме ликот и делото на Горан Стефановски во македонската култура.
