Нови мерки за поддршка на бизнис заедницата
На денешната седница Владата донесе нов сет мерки од суштинска поддршка на бизнис заедницата во Македонија...

Станува збор за усвојување на акцискиот план на Македонската банка за поддршка на развој (МБПР), за почеток со реализација на четвртата евтина кредитна линија од нови 100 милиони евра, при што Владата ја субвенционира и каматата која изнесува максимум 5,5 проценти.
„Од средствата, 15,3 милиони евра ќе се искористат за 66 претпријатија, а ќе може да се влечат од втората половина на јули 2014 година. Овие средства ќе бидат наменети за мали и средни претпријатија и тоа за компании кои со своите вложувања придонесуваат за порастот на вработувањата и на извозот. Со овие средства тие ќе добијат значајна финансиска поддршка за јакнење на нивните конкурентски способности на домашниот и на странскиот пазар, како и нивна ликвидност“, рече премиерот Груевски.
Усвоен е и Предлог-закон за прекршоци со кој се одмерува висината на глобата за правните лица и трговците поединци. Нивелацијата ќе се врши врз основа на вкупниот приход од претходната фискална година и според просечниот број вработени врз основа на состојбата од претходниот месец, како и претходното поведение на сторителот.
„Пример, ако е изречена глоба до 10.000 денари, а субјектот има приходи до 500.000 денари и до девет вработени, а нема претходни прекршоци, ќе плати десет проценти од предвидената глоба или 1.000 денари и 500 денари според бројот на вработените. Или вкупно 1.500 денари. Доколку се работи за поголем субјект, санкциите соодветно ќе се зголемат така што се добива димензија на правичност“, објасни премиерот Груевски.
На денешната седница Владата донесе одлука и со отпочнување на последната фаза од проектот за топ менаџери со кој ќе бидат опфатени 140 менаџери од домашни компании, кои ќе бидат испратени на едномесечна обука во странски компании и тоа во високо развиените земји.
